Април месец на штрајкови – протестираат медицинарите, судовите, образованието и Пошта

По растот на минималната плата со субвенционирање од државата, со свои барања се активираа и вработените од голем број сектори


Фото: Б. Грданоски

По растот на минималната плата со субвенционирање од државата, со свои барања се активираа и вработените од голем број други сектори. Бараат повисока плата, односно скалест раст на платите во земјава, откако работниците наместо 15.000 денари, од овој месец, ќе земаат минималец од 18.000 денари.

Здравство

Утре, штрајк најавија медицинарите, вработени во примарното здравство.

Приватните лекари на Денот на здравството, 7 април, ќе излезат на протест за да искажат револт што не им е решен ниту еден од бројните проблемите кои ги имаат. Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ) одлучи протестот да се одржи во 12 часот пред Министерството за здравство, на кој покрај докторите ќе протестираат и медицинските сестри.

– Се сменија многу министри, многу Влади, но никој не направи ништо за опстанокот на примарното здравство. Не се покачени буџетите за матичните лекари, ниту за специјалисти и лаборатории. Имаме енормни зголемувања, покачена е минимална плата, цената на индустриската струја отиде високо. Капитациониот бод мора да се зголеми – вели д-р Лилјана Чолакова-Дервишова, претседател на ЗПЛМ.

Иако по последниот протест со Министерството за здравство беше договорено формирање на работни групи и почнување на разговорите, тоа не се случило.

Судска администрација

Во четврток и петок оваа недела пак, вработените во судовите, министерствата, агенциите и останатите државни институции ќе имаат двочасовен предупредувачки штрајк на работното место кој ќе трае од 10 до 12 часот. Синдикатот УПОЗ кој ги застапува правата на овие вработени, тврди дека 95 отсто од службениците не ја добиле зголемената минимална плата од 18.000 денари, а останатите или не добиле плата или пак имаат грешки во сумата.

Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација, кои одржаа предупредувачки штрајк во декември минатата година и дводневен штрајк и протест во март оваа година, за утре најавуваат нов штрајк поради игнорантскиот однос на институциите во поглед на решавање на нивните барања.

Пред една недела, на состанок со претседателите на синдикалните организации од судовите, бил презентиран допис доставен до Синдикатот на УПОЗ од Судскиот буџетски совет кој на седница одржана на  6.5.2016 година го поддржал барањето на Синдикатот и донел заклучок да се обрати до Министерството за финансии со цел тоа да постапи во согласност со препораката на Владата на Република Македонија и да обезбеди финансиски средства за зголемување на надоместоците и додатоците на вработените во судовите.

Образование

Од следниот понеделник, 11 април, ќе штрајкуваат образовните работници. Тоа значи нема настава и нема згрижување на деца во градинките. Членовите на СОНК се револтирани бидејќи платите во овој сектор се на границата со законскиот минималец и бараат покачување од 18,5 отсто.

СОНК бара минималната плата во државата да биде основица за пресметка на плата по коефициент на сложеност. Според таа пресметка, нето-плата на наставник би требало да биде 43.000 или 44.000 денари.

Од друга страна пак, средношколците не го поддржуваат овој протест. Претседателот на Сојузот на средношколци , Лука Павиќевиќ, за нивниот став за протестот на СОНК,  истакна дека „кога тие штрајкуваат професорите им пишуваат неоправдани“ и праша „кој ќе им пишува неоправдани на професорите?“.

– Не би сакале да го коментраме најавениот штајк на СОНК, меѓутоа мора да кажеме дека правото на образование е уставно загарантирано. Државата како знае и умее мора да го обезбеди за сите ученици, без прекин. На пример кога учениците штрајкуваат професорите им пишуваат неоправдани и честопати се осудува бојкотот од страна на учениците, така што прашањето е кој ќе им пишува сега неоправдани на професорите? – праша Павиќевиќ.

Пошта

По неуспешните преговори со Владата, најавен е генерален штрајк во образованието, ученичките и студентските домови, високото образование, културата и во градинките.

На 14 aприл со генерален штрајк почнуваат вработените во Македонска пошта, а како што велат од нивниот синдикат штрајкот ќе трае се додека не се исполнат нивните барања. Тие бараат покачување на платите во износ од 3.000 денари.

Причината за штрајкот е и загриженоста кај над 2.200 вработени за иднината на компанијата и неизвесноста од зачувување на нивните работни места, непокачување на платите повеќе од 30 години, супстандардни услови за работа, повеќегодишно необезбедување на средства за работа, но и незадоволство на вработените од постоечката систематизација, како и нереализирање на дел од барањата на вработените и Синдикалните организации наведени во Заклучоците од 15 октомври 2021 година.