Апелацискиот суд се правда за случајот „ТНТ“


Врховен суд (Фото: Б. Грданоски)

 

Во врска со наводите истакнати на прес-конференција  од страна на ТД ФИНЕ Скопје, Апелацискиот суд Скопје излезе со соопштение за постапувањето на судечкиот совет по предметот наречен  „ТНТ“.

-По одржаната јавна седница на 8.5.2023 година, во тек на процесот на донесување на одлука, членовите на советот разгледувајќи ги жалбите на повеќе заседанија, се впуштија во оцена на основаноста на жалбените наводи. Со оглед дека се работи за обемен и комплексен предмет со огромен број докази и пред мериторно одлучување, поради констатираните неусогласености помеѓу записникот за советување и гласање на првостепениот суд и изворникот на првостепената пресуда со писмениот отправок на изготвената пресуда во делот на изречената казна на еден од обвинетите, како и во делот на засметување на притворот во изречените казни, на заседанието одржано на ден 11.7.2023 година, членовите на судечкиот совет одлучиле предметот со сите списи административно да се врати на првостепениот суд заради отстранување на горенаведените неусогласености кои претставуваат процесна пречка за донесување на второстепена одлука.

Првостепениот суд постапувајќи по административното враќање на списи на овој суд, на 1.9.2023 година донел Решение за исправка коешто е експедирано до странките на 11.9.2023 година. По комплетирање на списите на предметот на 5.10.2023 година, истиот повторно е доставен до Апелацискиот суд Скопје, по што на 6.10.2023 година е испратен на мислење по изјавените жалби на пресудата до Вишото јавно обвинителство Скопје, чиј предлог е примен во Судот на 12.10.2023 година, по што веднаш е закажана јавна седница за 06.11.2023 година, на барање на странките.

Досегашното постапување од страна на судечкиот совет е согласно одредбите од ЗКП и во овој момент, поради закажаната јавна седница, други детали за предметот не може да се изнесат во јавност. Поради зголемен интерес на јавноста, Апелацискиот суд Скопје ќе обезбеди услови за следење на седницата за заинтересираната јавност и медиумите.

Во врска со наводите истакнати на прес-конференција одржана на 05.11.2023 година од страна на ТД ФИНЕ Скопје, Апелацискиот суд Скопје, во интерес на вистината и објективното и транспарентно информирање на јавноста во врска со постапувањето на Судот по посочениот предмет ги презентира следниве факти:

На 30.11.2022 година, во Апелациониот суд Скопје е примен и заведен предметот КОКЖ-157/22 кој веднаш преку АКМИС е доделен во работа на судија известител Енвер Беџети, кој согласно годишниот распоред за работа на судските совети за 2022 година е распореден да постапува, меѓу другото, и по предмети од организиран криминал.

На 29.12.2022 година, тогашниот в.д. претседател на Судот, судија Лидија Димчевска по одржана седница на судии, донела годишен распоред за работа на судските совети за 2023 година, со кој судијата Ѓоко Ристов во Кривичниот оддел на Судот е распореден да претседава со совет од петмина судии.

На 24.01.2023 година, тогашниот в.д. претседател на Судот, со измена и дополнение на годишниот распоред за работа на судските совети за 2023 година го прераспоредува судијата Енвер Беџети да постапува по прекршочни предмети, по што од страна на исто така, тогашниот в.д. претседател на Судот, на 31.1.2023 година е донесена наредба за автоматска прераспределба на сите предмети кои останале како незавршени во работа кај судијата Енвер Беџети, меѓу кои и предметот „ТНТ“. Наредбата е спроведена на 1.2.2023 година, кога по пат на автоматска прераспределба предметот е доделен во работа на судијата Ѓоко Ристов, кој веќе претседава со совет од петмина судии.

По исполнување на условите за старосна пензија, судијата Лидија Димчевска е разрешена од судиската функција и за вршител на должност претседател на Апелационен суд Скопје, на  3.2.2023 година е назначена судијата Мери Дика-Георгиевска. По преземање на функцијата вршител на должност претседател на Апелацискиот суд Скопје, судијата Мери Дика-Георгиевска нема преземено ниту едно дејствиe во насока на прераспределба на предметот кој и понатаму останал во работа кај судијата известител, кој воедно е и претседател на советот од петмина судии кој постапува по конкретниот предмет, стои во реакцијата на Апелациониот суд.