Антикорупциска не сака да биде алиби за договорот со Бехтел-Енка
Преговарачки тим составен од членови на Владата и американско-турски конзорциум Бехтел-Енка допрва ќе треба да договорат колку ќе чини целосната изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10, како и деталите околу самата изградба. Од Владата велат дека се уште не е формиран ваков тим.
Според законот кој беше неодамна донесен во Собрание за изградба на автопати без тендер е предвидено во Комитетот за преговори да учествуваат членови на Владата, инвеститорот и, како што е наведено, други соодветно заинтересирани страни.
„За целите на преговарањето на договорот за градење, преговарачките тимови на Владата и стратешкиот партнер можат да поканат други советници, заинтересирани страни, експерти и специјалисти од областите релевантни за Проектот, “ се вели во законот.
Антикорупциската комисија го оспори овој закон пред Уставниот суд поради висок ризик од корупција. Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Радио Слободна Европа, кое ќе биде објавено во целост в недела, вели дека за да биде целиот процес по транспарентен во преговарачкиот комитет не треба да членуваат само владини претставници.
„Имам намера на премиерот и на владата да им предложам во тој преговарачки комитет да не влезат само актуелни министри, кои по дефиниција не би можеле да бидат толку автономни во однос на премиерот и владејачката структура, туку да влезат и луѓе од невладиниот сектор, зошто не и претседателот на антикорупциска комисија“ изјави Пендаровски.
Од Антикорупциска не се согласуваат со таквата иницијатива. Комисијата е независен орган и не треба да членува во такви тела, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска.