(Анкета) Петковски: Ако не добиеме датум, ќе бидат казнети граѓаните, а не политичките елити


Поддршката на граѓаните за влез во Европската Унија останува висока. Она што е намалено се очекувањата за брз влез. Речиси половина од граѓаните, односно 47,7 проценти сметаат дека оваа недела Европскиот совет ќе донесе одлука земјава да ги почне преговорите со ЕУ, додека 39,9 се на спротивно мислење.

Ова го покажуваат најновите наоди од анкетното истражување ЕВРОМЕТАР за мислењето на граѓаните за прашања поврзани со евроинтеграциите, во пресрет на одлуката за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија, спроведено од Центарот за европски стратегии Евротинк.

Директорот на Евротинк, Љупчо Петковски, претставувајќи ги најновите наоди, рече дека ако одлуката во Европскиот совет биде позитивна, тоа ќе биде гаранција дека елитите ќе бидат попосветени на реформите.

– Од практични причини отпочнувањето преговори не е само симболички чин. Почетокот на преговори ќе ја стави во форма нашата јавна администрација, бидејќи таа ќе биде столб и носител на на целиот процес. Таа би добила пристап до ресурси до експертиза, знаење од колегите од Брисел, што е потребно тие работи технички да се завршат. Тука политичарите нема да бидат главните играчи, истакна Петковски.

Во случај земјава да не добие одлука за почеток на преговори, Петковски оценува дека тогаш не би била казнета која било политчка елита, туку би биле казнети самите граѓани.

– Не отпочнувањето на преговорите би значело помала подготвеност кај граѓаните да се оди во непопуларни потези, во непопуларни реформи, и во крајна линија би значело трајно убивање на надежта на нашите граѓани дека тука нешто ќе се менува, смета Петковски.

Тој оцени оти во тој случај наративот на власта, кој во последните две години е базиран на ветувањата дека ќе почнеме преговори, ќе се распадне, и нивниот легитимитет ќе се намалува, со што, како што вели, ќе почнат да размислуваат за избори и за пресретнување на негативните последици од тоа.Во врска со новата методологија на преговарање, што ја заговара Франција, Петковски смета дека тоа нема да биде нешто драматично и оти тоа е произлезено од пи-ар побуди, со цел да стивнат стравувањата во јавноста во државите-членки на ЕУ, кои се колебливи кон проширувањето.

Тој смета дека Франција има легитимни стравови и легитимни ставови, но оти Париз е партнер и е многу важен за земјава. – Нашата надворешна политика традиционално ја има запоставено Фрамција. Знаеме дека во надворешната политика резултати има само во континуитет. Треба децениски континуитет за резултати, смета тој.

Резултатите од анкетата покажуваат и дека ако пред шест месеци 60 проценти од граѓаните верувале дека во наредните десет години ќе се случи влезот на Македонија во ЕУ, што е индикатор за голем оптимизам и големи очекувања, сега има намалување на ваквото мислење за десетина проценти. Сега само половина од анкетираните веруваат дека во наредните десет години ќе се случи членство на Македонија во ЕУ.

– Според нашите искуства и искуствата во регионот, реалистички е да се очекува дека откако ќе почнат преговори, па се до членство требаат не помалку од седум-осум до десет години, затоа што процесот станува се потежок, но тоа е добро за нас. Подобро е да ги направиме работите како што треба, отколку брзо да минеме низ тој процес, истакнува Петковски.

Според него, постојат поделби и различни гледишта и по партиска линија и по етничка линија. Голема е поделбата меѓу поддржувачите на СДСМ, кои речиси се консензуално за сите овие процеси, и поддржувачите на ВМРО, меѓу кои постои огромна поделба во однос на надворешно-политичката визија на Македонија. Голем дел од нив, посочи Петковски, сметаат дека Македонија треба да бара алтернатива различна од ЕУ.

– Постои голема разлика и меѓу етничките Албанци и етничките Македонци. Тоа се податоци кои укажуваат на поларизација во нашето општество за што многу малку се зборува, меѓутоа таа е многу релевантна во политичките динамики, додаде Петковски.

Како интересен детал во анкетата тој посочи дека години наназад поставуваат и прашање за тоа која држава граѓаните ја сметаат за најголем пријател или најголем непријател на земјава.

– Анкетата се совпадна со бугарските позиции што излегоа пред неколку дена и со реактуализирањето на односите во Бугарија во нашата јавност. Така што во податоците голем дел од граѓаните почнуваат Бугарија да ја сметаат како државата што е непријателска кон нашата држава, со што „традиционалниот непријател“ Грција го заменуваме со Бугарија, рече Петковски.Во однос на тоа дали земјава е подготвена да почне преговори, 22,9 отсто одговориле дека е „целосно подготвена“, 36,8 проценти дека е „делумно подготвена“, а 34,1 отсто дека „воопшто не е подготвена“.

На прашањето „Каков е односот на ЕУ кон Македонија“, 42,9 проценти одговориле дека е фер, пријателски и коректен, додека 30,3 сметаат дека е нефер, надмен и уценувачки.

На прашањето, пак, „Кои се главните причини за вашата поддршка за влез во ЕУ“, 73,6 отсто рекле дека тоа е „подобриот животен стандард“, 52,7 проценти „поголема демократија“, а 50,4 отсто „намалување на невработеноста“.

Додека, пак на прашањето „Кои се причините за вашето одбивање за влез во ЕУ“, 42,9 отсто одговориле дека „нема ништо да се подобри“, 38 проценти дека „ќе се влоши животниот стандард“, а 37,4 проценти, оти „не припаѓаме во таа Унија“.

САД имаат најголема поддршка на прашањето „кој е најголем пријател на земјава“ со 10,4 отсто, по што следуваат Германија со 10,1, Србија со 8,5, Турција со 7,7 проценти…

Испитувањето на јавното мислење е направено од страна на агенцијата М-Проспект од Скопје, преку компјутерски асистирана телефонска анкета во периодот од 27 септември до 14 октомври 2019 година на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.