Анита Топалова-Мисајловска привремен државен јавен обвинител
Анита Топалова-Мисајловска е избрана за вршител на должноста државен јавен обвинител на Република Северна Македонија. Одлуката беше донесена едногласно на денешната седница на Советот на јавни обвинители. Топалова-Мисајловска доаѓа на местото на Љупчо Коцевски, кој на 17 декември поднесе неотповиклива оставка, по што Собранието истиот ден го констатираше престанокот на неговата функција.
Членот на Советот, Кети Петкова, образложувајќи го предлогот за избор на Тополова-Мисајловска истакна дека станува збор за професионално и принципиелно решение, бидејќи, како што рече, таа во континуитет ја извршувала функцијата заменик републички јавен обвинител. Топалова-Мисајловска била заменик на Љупчо Коцевски, неговиот претходник Љубомир Јовески, како и тој пред него, Марко Зврлевски.
„Во континуитет 10 години беше заменик, ја познава оваа функција и мислам дека нема да претставува проблем неколку месеци да ја извршува должноста, не само затоа што го познава целото обвинителство, туку затоа што тоа е принципиелно решение“, рече Петкова.
Како што беше посочено на седницата, Топалова-Мисајловска ќе ја извршува функцијата до именувањето на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.
Топалова–Исајловска не е многу познато во јавноста, но се споменуваше пред некоја година, кога како републичка обвинителка од Врховен суд бараше да падне предметот „Талир“, кој сè уште се суди во два дела.
Нејзиното образложение кое Врховниот суд не го прифати беше дека обвинението за овој предмет било поднесено во ноември 2018 година, а обвинителите на СЈО имале рок тоа да го сторат до 30 јуни 2017 година. Врховниот суд го одби нејзиното барање, а предметите сè уште се судат.
Таа е сопруга на поранешниот заменик-министер за надворешни работи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Исајловски, кој беше избран на таа функција во 2016 година, една година пред смената на власта. Исајловски како дипломат од кариера беше амбасадор во Русија, Кина и Украина.