Ангел Димитров ги нарече „парадокс“ реакциите на борците од Битола за клубот „Ванчо Михајлов“

„Македонија дефинитивно не се однесува како кандидат за членство во ЕУ“, оцени копретседателот на Историската комисија


 

Копретседателот на македонско-бугарската Историска комисија, Ангел Димитров, повторно се впушти во политички квалификации околу дневните настани, велејќи дека „Македонија дефинитивно не се однесува како кандидат за членство во ЕУ“. Гостувајќи во емисијата „Брисел 1“ на телевизијата Bulgaria ON AIR Димитров рече случувањата околу бугарските клубови го потсетувале на настаните во 1940-тите години, дека тоа било „стандардно пропагандно дејствување“. Велејќи дека е „апсурдно на група граѓани на оваа држава да им се забранува да имаат поинакво национално чувство, да имаат различен идентитет. Ова е апсурдно и целосно во духот на македонскиот Национален закон за честа од минатото“.

Па уште ја коментираше претставката на Сојузот на борците од Битола за клубот „Ванчо Михајлов“ како „парадоксална“: „А фактот што беа засегнати чувствата на здружението на антифашистички борци покажува дека овие луѓе не ја напуштиле пропагандна територија од Втората светска војна, кога се создаде југословенската држава. Ова е парадоксално“.

Тој  ги оцени и како парадокси реакциите на ВМРО-ДПМНЕ за Ванчо Михајлов. „Зачуден сум од неверојатен парадокс: Ако името на Иван Михајлов се смета за незаконско и навредливо за националните чувства, тогаш треба да ја забранат и партијата ВМРО, бидејќи на чело на оваа партија е Иван Михајлов. По 1944 година, многу Бугари беа гонети и физички отстранети под знакот ‘ВМРО-михајловисти’; така што постои двоен парадокс: кога државните органи не можат да направат разлика помеѓу организацијата и нејзиниот водач, од една страна; и обратно – кога самата организација шпекулира со ова име, употребувајќи го сосема легитимно според нив, но истовремено исповеда сосема друга идеологија и политички намери“, смета Димитров.

Тој ја обвинува македонската јавност дека неоправдано лепела етикети. „Постојано лепат етикети кои се научно неодржливи, како ‘фашисти’, на пример. Останува сега да се прогласи и цар Фердинанд за фашист. Апсурдите се трупаат еден по друг“, вели историчарот.

Димитров се осврнува и на имињата на бугарските клубови во Македонија и тврди дека бугарската држава нема ништо со тоа. „Имињата на овие здруженија се избор на луѓето што ги создаваат. Бугарската држава нема никаква врска со ова. Сите органи во РСМ тоа многу добро го знаат, но пропагандната линија е да се меша во бугарската држава со цел да се тврди дека таму – во РСМ нема независно размислување, дека овие луѓе не ги носат одлуките мотивирани од нивното достоинство, туку дека им се сугерира нешто. Но видов дека има реакција од 10 бугарски здруженија кои сакаат да имаат нормален и целосно легален живот во РСМ. Тие веќе реагираат како современи граѓани со чувство за своите права и како европски граѓани“, рече Ангел Димитров.