Андреевски: Тешко е да се биде уметник, но радоста на создавањето е безгранична


Ликовниот уметник Сергеј Андреевски на изложба во МАНУ ќе претстави дел од своето творештво кое овдешната јавност досега не го видела. Некои слики се од циклусите „Цвеќулиња“, „Кучињата лаат“, „Коњи“, „Рибари“… кои пропатувале во многу земји низ светот, некои се изработени на сликарски перформанси што Андреевски ги имал со музичари и бендови. Има дела од негови гостувања на ликовни колонии и резиденции во светот и во земјава,  како и дела кои по напуштањето на ателјето на уметникот се „вдомиле“ во приватни колекции или во институции.

Изложбата е насловена „Неизложени слики“ и ќе биде поставена во Ликовниот салон на Академијата до 22 ноември. Пред нејзиното свечено отворање вечер во 20 часот, Андреевски во интервју вели дека иако е тешко да се биде уметник денес, „радоста на создавањето е безгранична и му дава убава духовна енергија на сивилото околу нас“.

Андреевски зборува и за активностите на уметничката резиденција „Арт поинт – Гумно“ која ја организира во демирхисарското село Слоештица и е среќен што оваа година таму ќе почне да се реализира проектот за реконструкција на задружниот дом каде што ќе биде сместена и спомен-собата за неговиот татко, писателот Петре М. Андреевски.

Што ќе може јавноста да види на Вашата нова изложба во МАНУ, со едноставен наслов – „Неизложени слики“?

На ова мое последно претставување што ќе се случи во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите, како што впрочем говори и самиот наслов, првпат пред македонската јавност ќе биде изложен избор од дела коишто претходно беа видени во САД, Русија, Германија, Словенија, Словачка и Србија, а дел од нив директно од моето ателје заминале во приватни и јавни колекции.

Некои од нив беа насликани на перформанси при мои гостувања во странство, со музички групи во Германија и Словачка, или дома – со „Љубојна“, Влатко Стефановски, „Мајовци“ и други.

Имавте годинава изложба и во културниот центар во Њујорк (Gallery MC). Со што се претставивте и какви беа реакциите од публиката?

Се работи за групна изложба со наслов ПИПЕРКА, на којашто јас бев и учесник и куратор. Освен македонските автори, на овој проект гостуваа и неколку уметници од САД кои претходно ја посетиле Македонија и се запознале со нашата култура.

Идејата беше пиперката како традиционален симбол на нашата кујна, но и како начин на живот – едни живеат прилично комфорно, благо, други, пак, бурно, поблиску се до лутината на пиперката, во разни нејзини градации.

Изложбата предизвика голем интерес и беше посетена од многубројни галеристи, актери, уметници и други љубители на уметноста. Дел од овие слики во моментов се изложени на друго групно претставување во Јужна Кореја.

Од 2017 година не се одржува „Славење на пирејот“ кое 11 години се организираше во сеќавање на Вашиот татко, Петре М. Андреевски, и општо како метафора на неуништливоста. Зошто?

Не затоа што сме уништени! Факт е дека манифестацијата ја одржувавме на мускули, како што би рекол нашиот драг пријател и соработник, покојниот Владо Цветановски.

Единаесет години го славевме пирејот, а минатата година отпечативме монографија во којашто се документирани сите беседи и содржините што се случуваа на различни духовни точки во Слоештица, секоја година, на 28 август.  Едноставно, одлучивме енергијата да ја пренасочиме во еден друг вид Славење на пирејот.

Среќни сме што годинава, благодарение на Општина Демир Хисар и личните залагања на градоначалникот Марјанче Стојановски, ќе отпочне реализацијата на проектот за реконструкција на задружниот дом во Слоештица, а тука ќе биде сместена и спомен-соба за Петре М. Андреевски. Интензивно работиме и на поддршка на преведување на делата на татко ми, со идеја приказната за пирејот да ја прочитаат што повеќе култури од светот.

 

Пред неколку години го промовиравте германското издание на „Пиреј“. На колку јазици е досега преведен антологискиот роман?

Досега романот е преведен на хрватски, англиски, руски и на германски јазик. Според реакциите на читателите и критиката, можам да кажам дека германското издание е најблиско до оригиналот.

За ова заслуга, секако, има извонредниот преведувач Бенџамин Лангер, но не помалку и ние како семејство заедно со сите жители на Слоештица, како стручни консултанти за старомакедонските зборови, дијалектизми и архаизми.

Уметничката резиденција „Арт поинт – Гумно“ што ја организирате во Слоештица годинава беше „ангажирана“ и ја посветивте на екологијата и одржливиот развој. Од кои земји имавте учесници и како тие одговорија на задачата?

Од самиот почеток на делување, покрај на уметноста, во „Арт поинт – Гумно“ сме посветени и на природата, промоција и заштита на биодиверзитетот и заштита на животната средина. Овие теми се испреплетуваат во сите наши активности.

Годинава поддржавме две млади уметници: Џесика Флеминг од Германија и Естер Шабик од Словачка, а нивни куратор, освен мене, беше професорот по Уметност во природа од Унгарија – Иштван Ерос. Воедно тој е и уметнички директор на биеналето за Уметност во природа во Јужна Кореја.

Пораки за темата има во сите нивни дела – и слики, и фотографии, и објекти, и перформанси, а имаа и интерактивна работилница со сите 30 ученици од општинското основно училиште „Браќа Миладиновци“ од село Жван.

Публиката беше восхитена од она што го изложивме како резултат за време на Отвореното студио, на крајот од резиденцијата.

Вие неодамна ја насликавте фигурата мечка на Германската амбасада во земјава, по повод 30 години од обединувањето на Германија. Како дојде до оваа соработка и зошто мечето го именувавте Бошко?

Голема чест е што токму јас бев избран да бидам дел од одбележувањето на овој јубилеј со дело што постојано ќе биде изложено во предворјето на Амбасадата, да ги слави демократијата, толеранцијата, хуманоста…

Верувам дека изборот се должи на моите долгогодишни професионални релации со оваа земја. Таму започна мојата професионална кариера, а досега безброј пати успешно се имам претставувано низ цела Германија.

Бошко беше „крстен“ уште пред да влезе во моето ателје. Имено, на пратката со скулптурата имало кратенка за адресата Botshaft Skopje, па испорачувачите, веројатно на шега, го нарекле Бошко.

Често сте надвор од земјава, имате контакти со уметници од странство и може да направите споредби за условите за работа, статусот на уметниците итн. Тешко ли е да се биде ликовен уметник денес?

И надвор, а особено овде е тешко да се биде уметник. Тоа ќе ви го кажат и другите. Но, радоста на создавањето е безгранична и огромна. Таа радост нѐ храни и нѐ одржува витални, давајќи му и на ова сивило околу нас убава духовна енергија.

https://www.youtube.com/watch?v=rTJ4–3f-Mg&feature=youtu.be

 

Фото и видео: Ивана Батев