Анализа на „Њујорк Тајмс“: Вашингтон ги засилува активностите за поголемо влијание врз Гренланд
Американски структури ги интензивираат активностите во Гренланд, настојувајќи да постигнат, како што се наведува, „впечатлив“ договор со властите на овој арктички остров, пишуваат Џефри Гетлман и Маја Текели во анализа објавена во „Њујорк тајмс“.
Според авторите, уште минатата година данските медиуми беа преплавени со извештаи за наводни „тајни операции на влијание“ што САД ги спроведуваат на Гренланд. Овие тврдења предизвикаа дипломатски тензии, по што данската Влада испрати официјален протест до Вашингтон и повика американски дипломат на разговор во Копенхаген.
Истовремено, се наведува дека повеќе американски актери делуваат на терен и тоа без прикривање. Тројца Американци, чии активности се особено истакнати, отворено ги промовираат интересите на американската администрација, настојувајќи да го приближат Гренланд кон политичката и економската сфера на САД.
Меѓу нив е Дру Хорн, поранешен припадник на специјалните единици „зелени беретки“, кој се обидува да реализира амбициозен проект за изградба на голем дата-центар на гренландските фјордови. Томас Денс, советник за арктички прашања на претседателот на САД Доналд Трамп, организирал повеќе, медиумски проследени, посети на високи американски претставници и членови на претседателското опкружување, вклучително и неговиот најстар син. Третиот актер, Крис Кокс, познат како основач на организацијата „Бајкери за Трамп“ и член на Советодавниот одбор за внатрешна безбедност, исто така е активно присутен во регионот.
Набљудувачите оценуваат дека овие активности не се одвиваат во сенка, туку јавно, со присуство на социјалните мрежи и отворено изнесување на плановите и целите.
Покрај директниот политички и општествен ангажман, забележлив е и економскиот аспект. Според наводите, одредени американски инвеститори и функционери веќе вложиле значителни средства во економијата на Гренланд. Меѓу нив се издвојуваат милијардерот од козметичката индустрија Роналд Лаудер, како и американскиот министер за трговија Хауард Лутник.
Соговорниците на „Њујорк тајмс“ оценуваат дека станува збор за сеопфатен пристап кој комбинира економски инвестиции, политичко влијание и медиумска видливост, што укажува на сериозни намери на Вашингтон да ги зајакне своите позиции во стратешки важниот арктички регион./МИА