Американскиот претседател го предложи Кристофер Хил за нов амбасадор во Србија
Американскиот претседател Џо Бајден го номинираше Кристофер Р. Хил за нов амбасадор во Србија, соопшти Белата куќа. Тој ќе го замени Ентони Годфри, кој служеше во Белград од октомври 2019 година.
Хил е еден од најискусните и најпознатите американски дипломати од кариера. До неодамна тој беше ангажиран како професор на Универзитетот Колумбија. Пред да се повлече од Стејт департментот во 2010 година, Хил служеше како американски амбасадор во Ирак, Кореја, Полска и Македонија, како помошник државен секретар за источноазиски и пацифички работи и како шеф на американската делегација во преговорите со Северна Кореја.
Претходно во својата дипломатска кариера, тој беше член на преговарачкиот тим чии напори доведоа до Дејтонскиот мировен договор, со што заврши босанската војна. Десет години Хил беше декан на Школата за меѓународни студии „Јозеф Корбел“, а потоа професор по практика на дипломатија на Универзитетот во Денвер. Заработил диплома на колеџот Бодуен и магистрирал на Колеџот за воена морнарица. Добитник е на бројни почести, вклучувајќи ја и наградата „Роберт Фрејзер“ за мировни преговори и наградата за одлична служба на државниот секретар.
Хил зборува српски, полски, македонски и француски.