Американец пријавил дека неговиот пријател бил убиен од мечка. Полицијата: Убиен е од човек
Американецот Дастин Кјерсем (35) беше пронајден мртов во својот шатор минатиот викенд наутро на патот Моус Крик северно од Биг Скај, Монтана. Мртвото тело во шаторот го пријавил пријател на 35-годишниот кој тргнал да го бара кога минатиот петок не се појавил на состанок.
Човекот им кажал на службите за итни случаи дека она што го видел во импровизираниот камп каде што престојувал неговиот пријател изгледало како напад на мечка, соопшти канцеларијата на шерифот на округот Галатин, пренесува CBS.
Полицијата: Беше брутално убиен, но не од мечка
Вработен во Montana Fish, Wildlife and Parks, кој ја посетил локацијата, сепак, не нашол знаци на активност на мечки. Инспекторите рекоа дека набрзо пронашле докази за „брутален напад“, кој се истражува како убиство.
Кјерсем, кој последен пат беше виден во четвртокот попладне, се здоби со повеќе рани и исеченици, вклучително и на черепот, покажа обдукцијата.
„Тој беше брутално убиен додека кампуваше и ни треба вашата помош“, рече шерифот Ден Спрингер, додавајќи дека окружните детективи работат „деноноќно за да го пронајдат неговиот убиец“.
Шерифот ги повика жителите да бидат внимателни
Осомничените не се идентификувани, а Спрингер рече дека местото на злосторството е далечна област, каде што нема сигнал од мобилен телефон, што ја комплицира истрагата. Шерифот ги повика жителите да бидат внимателни.
„Знаеме дека имаше некој таму кој го уби некого на многу грозоморен начин, па ако сте надвор во шумата, мора да обрнете внимание, мора да останете будни“, рече Спрингер.
„Доколку сте виделе нешто чудно во областа на кањонот или во градот, ве молиме контактирајте не“, апелираше шерифот до жителите.