Америка раководи со НАТО, а Европа зависи од НАТО
Унијата е во фаза на преиспитување на својата воена димензија за да може да премине од управување со кризи кон подготовка за војна и да „научи како да биде силна“
Живееме во опасен и непредвидлив свет. Денес, за жал, повеќе нема потреба да се скицира или упатува на постоењето на можните воени закани. Популациите на Балтикот, Полска, Романија, Молдавија и пошироко, психолошки ги доживуваат хибридните и миграциските последиците од војната од прва рака, и тоа на прагот на Европа. Која денес од овие држави или од еврократите во Брисел води сметка за владееењето на правото и корупцијата, базичните вредности на европската идеја кога е соочен со геополитичките и геоеконосмките предизвици на војната во Украина. Денес во ЕУ се размислува и се зборува исклучиво со геостартешка и воена терминологија. Дури и проширувањето на ЕУ прерасна во геополитички влог. Париз и Берлин убедуваат дека Украина и Молдавија ќе станат членки на ЕУ штом завладее мирот. ЕУ се подготвува за војна.
Земјите на Европската унија станаа свесни за сопствените ранливости во услови на сè понеизвесната иднина. Во Германија, Данска, Франција, во скандинавските држави, на Балтикот, масовно се делат совети за евентуалната нуклеарна војна, се обновуваат засолништата, се делат упатстава и прирачници за европскиот СВОЗ.
Во исто време, Европа престана да ги инспирира соништа на народите кои со децении мечтаеја зо членството во ЕУ. Европските вредности престанаа да бидат ориентир и за граѓаните на Европската унија. Инаку, како да се објасни метеорскиот пораст на политичките партии кои прокламираа евроскептицизам.
За жал тоа се случува во конструкцијата која за мојата генерација од деведесетите преставуваше основна инспирација и цел на идеалното македонско општество. Да не заборавиме дека достигнувањата на ЕУ од нејзиното конституирање до денес се значителни. Еврото стана силна валута, европскиот простор прерасна во една од најголемите области на споделен просперитет и солидарност во светот, со бројни активни политики во многу области. Таквата европската „тивка суперсила“ обезбедуваше 70 отсто од светската хуманитарна помош.
Пет Кокс, поранешниот претседател на Европскиот парламент, пред неколку години потсети дека, европскиот проект со своите 480 милиони жители, претставува трета најголема заедница во светот по Кина и Индија, дека има најбогат единствен пазар, дека воспоставила своја единствена валута, дека е најактивна во борбата против глобалното затоплување, во управувањето со кризи и, најважно, „мирот, кој беше толку невозможен за многу генерации, сега е трајна реалност“. Денес Европската унија е далеку од тоа. Во извештајот на Марио Драги од ноември 2024 „За иднината на европската компетитивност“ се истакнува дека ЕУ е речиси еден вид чудо кое повеќе не може да трае ако нејзините членови не се обединат повеќе и структурно во услови на сегашните немири.
На Европа во моментов ѝ недостасуваат средства за да ја обезбеди сопствената безбедност. Критиките се распространети пред сѐ кон недоследноста на европската одбрана. На пример, по избувнувањето на руската агресија во Украина на 24 февруари 2022 година, шведскиот и финскиот премиер напишале заедничко писмо до претседателот на Советот, Шарл Мишел, на 8 март, потсетувајќи дека, според член 42.7 на Лисабонскиот договор, земјите-членки им должат помош и поддршка во случај на агресија против нивната земја.
Се поставува дилемата: дали недостатокот на доверба кон способноста на ЕУ да ја спроведе клаузулата за заемна помош беше причина за аплицирањето на овие две земји за членство во НАТО два месеци подоцна? Можеби и доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа ги освести европските лидери. На почетокот на годината на традиционалната конференција со амбасадорите францускиот претседател Емануел Макрон го покренал прашањето: дали во услови на стратешка зависност од американската одбранбена индустриска и технолошка база Европејците ќе се нафатат да произведуваат безбедност за следните 20 години? На Европа ѝ беше потребно „стратешко будење“, а тоа се случи со украинската војна и со Трамп.
„Се надевам дека Европејците сфатија дека нашите американски сојузници имаат свои интереси, кои не секогаш се совпаѓаат со оние на Европа“, се надоврзува Генерал Жан-Марк Вижилан. Тој сугерира дека на „Европејците им е потребен сојуз, бидејќи ниту една европска земја сама нема капацитет да се брани или да спроведува воени операции од големи размери за решавање на меѓународна криза“.
Стратешко будење на Европа
Европските елити се доволно самокритични дека ЕУ во моментов страда од недостаток на видливост на меѓународната сцена, а нејзината воена димензија-Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП), функционира во мал обем и се одликува со ниско ниво на посветеност, далеку од почетните амбиции.
Потребата од европски одбранбени капацитети и стратешка автономија, претставуваат желба и проект не само на елитите и носителите на одлуки, туку и на европските граѓани. Годишното истражување на Евробарометар на Европската комисија во април-мај 2024 година покажа дека 80% од граѓаните се изјасниле за посилна одбранбена соработка, а 77% го подржале развитокот на Заедничката безбедносна и одбранбена политика.
До 2024 година, мнозинството од 27-те земји на Европската унија издвојуваа повеќе од 2 отсто од БДП за воената одбрана. На пример, во Чешка, со законот од 2023 беше утврдено минималното ниво на инвестиции во одбраната до 2%. На почетокот на јануари 2025 година, Прага објавиле дека ја достигнала својата цел. Меѓу државите со најголем удел во воените трошоци се Полска (4,1%) и балтичките земји кои издвојуваат Естонија (3,4%), Латвија (3,2%) и Литванија (2,9%) од БДП. Шест земји издвојуваат 2,1% од својот БДП за воени трошоци, вклучувајќи ја Франција, како и Шведска, која официјално се приклучи кон НАТО на 7 март 2024 година.
На тој начин трошоците за одбрана од страна на земјите-членки достигнаа 326 милијарди евра, што претставува 1,9% од БДП на ЕУ во 2024 година. Европската унија достигна втор највисок буџет зад САД (886 милијарди долари). Според Европскиот одбрамбен фонд се оценува дека во 2025 ЕУ ќе потроши 381 милијарда евра за одбраната. Северна Македонија предвиде во 2025 да потроши околу 300 милиони евра во доменот на одбраната.
Иако меѓу лидерите не ЕУ постои задоволство што за прв пат од крајот на Студената војна, ЕУ ги зголеми своите буџети за одбрана, остануваат многу отворени прашања. Дали е доволна оваа маса пари? Дали Европа има средства и организација за справување со голем конфликт на долг рок? Дали ЗБОП е соодветен одговор? Или, со други зборови, дали ЗБОП е способна сама да гарантира мир и безбедност во Европа? Дали постои опасност Европа се најде во суспендирана зона на мир? И покрај овие напредоци, обврските на ЕУ остануваат нецелосни. Според една од најдобрите познавачи на геополитиката на ЕУ, Никол Гнесото, „земјите-членки се далеку од реализацијата да ја разбудат моќната Европа и да ја спроведат стратешката автономија на ЕУ“.
ЗБОП никогаш не била дизајнирана да се подготвува и да води војна. Нејзините мисии биле дефинирани исклучиво во рамките на управувањето со кризи, а не на војна. Покрај тоа, иако мора да се признае дека ЗБОП имаше многу успеси, нејзината имплементација остана на ниво на примерок со ограничен опсег на употреба. Дури може да се констатитра дека, во последниве години, на оперативно ниво, ЗБОП е во опаѓање. Во овој миг не постојат таканаречени извршни воени операции, вклучително и борбени дејствија туку само мисии за обука. Денешната ЗБОП е далеку од амбициите на Европскиот совет од Хелсинки (1999), кога беа проектирани достигање на капацитетот од 60.000 војници за 60 дена.
Во воениот штаб на ЕУ нема доволно постојан персонал. На пример, EUMS е составен од нешто помалку од 300 воени лица, во споредба со 8.800 во ACO на НАТО. Процесот на донесување одлуки е премногу бавен, особено поради правилото за консензус, кое е исклучително ограничувачко за итни дејствија (но ова е ист случај и во НАТО).
На ниво на капацитети, не постои европска агенција за вооружување која спроведува програми за вооружување. Само OCCAR, Организацијата за заедничка соработка во вооружувањето, може да го стори тоа, но само со шесте држави што ѝ се придружија. Европската одбранбена индустрија е сè уште премногу фрагментирана. ЕУ нема заедничка опрема, што ја попречува интероперабилноста и флексибилноста на користењето на капацитетите. CSDP нема свои ресурси за обука; само виртуелен центар за обука наречен ESDC, Европски колеџ за безбедност и одбрана ја координира обуката што ја обезбедуваат земјите-членки што ги отвораат своите врати.
Денес, безбедносната ситуација во Европа повеќе не може да се задоволи со сегашниот обем на ЗБОП. Има неколку значајни и охрабрувачки, но сепак недоволни, случувања. ЕУ го скрши табу со воспоставување финансирање поврзано со одбраната во повеќегодишниот буџет 2021-2027 година.
ЗБОП и НАТО
ЗБОП честопати погрешно се проектираше во однос на зависност со НАТО. Кога НАТО нема афинитет или избегнува да се ангажира во одбраната проблемот го наследува ЕУ преку ЗБОП. Во последната декада, НАТО, иако повторно доби вистинско оправдување со руската инвазија на Украина, покажа хронични слабости. Претрпе убедлив неуспех во Авганистан, неуспех за кој се свесни и во Брисел и во Вашингтон. Позицијата на Турција во НАТО беше предмет на редовни критики (грчко-турски спор, криза со „С-400“, одложувања во приемот на Шведска и Финска во Алијансата, Ерменија, Сирија, Либија). Дел од западните сојузници ја критикуваа и улогата на САД во Алијансата.
Меѓутоа Алијансата и натаму игра важна нормативна улога и обезбедува платформа за интероперабилност за западните и останатите воени капацитети. Алијансата е најдобриот и единствен кредибилен гарант за колективната безбедност на Европа. Затоа, НАТО е и примарен инструмент на европската одбрана, но и главна причина за европската колективна воена немоќ.
Зависноста од Соединетите Американски Држави е амблематична. Војната во Украина и рамките кои ги наметна Доналд Трамп ги подучи европските лидери дека е неопходно да се надмине зависноста од САД или поточно таа зависност да се наплаќа. Оваа зависност има три аспекти: политичка зависност, зависност од капацитети и технолошка и индустриска зависност.
Сирил Шот, директор на високите студии за безбедност, вели: „Европејците мора да ја променат својата стратегија и да престанат да бидат наивни и да веруваат дека САД секогаш ќе се согласат да ги бранат без никаква друга компензација освен купување воена опрема“. Во интервју за Defence News (26.12. 2024) врховниот командант на сојузничките сили на НАТО. адмиралот Пјер Вандиер, истакнува: „Многу европски земји се потпираат на САД и реагираат како секој осигуреник – ‘Го платив осигурувањето, сега можам мирно да спијам’ – меѓутоа во прашање не е осигурувањето, туку егзистенцијалната потреба за изградба на сопствен безбедносен систем“.
Можни опции
Денес, НАТО е единствениот, но не е апсолутниот реалистичен пристап. Оваа ситуација на голема зависност од САД е релевантна и треба да ги охрабри Европејците заеднички да развиваат капацитети. Според француските воени експерти, постојат две опции: Развој на европски столб во рамките на НАТО или создавање автономна европска одбрана. Во однос на европски столб таквата опција изгледа дека не е реална. Оваа идеја за европски столб на Алијансата првично ја застапуваше Кенеди во 1962, но никогаш не ја виде светлината на денот. Зошто? Честопати постојат различни интереси меѓу Американците и Европејците во организација доминирана од САД. Никол Гнесото напиша во 2016 година: „Создавањето на ‘европска група’ во рамките на НАТО, кој би зборувал рамноправно со САД , е исто како да ја убедите мисирката да го сака Божик“.
Всушност, НАТО отсекогаш внимавал да спречи создавање група или европска специфичност во рамките на Алијансата. Ниту „европскиот столб на НАТО“, ниту создавањето едноставен „европска група “, ниту создавањето на познатиот Европски безбедносен и одбранбен идентитет (ESDI) не ја видеа светлината на денот.
Унијата е во фаза на преиспитување на својата воена димензија за да може да премине од управување со кризи кон подготовка за војна и да „научи како да биде силна“. Ако Европа сака да биде суверена, мора да се опреми со свои средства за одбрана. Ниту една европска нација нема критична маса сама да се натпреварува со доминантните нации на 21. век. Зголемувањето на европската стратешка автономија може да се постигне само со здружување на нивните сили и капацитети, а со тоа и во рамките на ЕУ.
Гарантираната поддршка од САД е далеку од загарантирана. Автономните одбранбени капацитети се од суштинско значење за европската стратешка автономија.
(Нано Ружин е универзитетски професор и поранешен амбасадор)