Америка и Русија се обидуваат да ја оладат жешката температура

Средбата на Блинкен и Лавров во Женева заврши без пробив, но разговорите меѓу двете земји не се завршени. Москва ги чека американските одговори на рсуските барања околу Украина следната недела


На различни страни: Енрони Блинкен и Сергеј Лавров (Фото: АП)

 

ЖЕНЕВА – Соединетите Американски Држави и Русија се обидоа да ја намалат температурата во жестокиот ќор-сокак околу Украина, иако објавија дека немаше пробив во разговорите на високо ниво, со високи влогови во петокот, чија цел беше да се спречи страшната руска инвазија.

Вооружени со навидум нерешливи и дијаметрално спротивни барања, американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретнаа во Женева околу 90 минути во, како што рече Американецот, „критичен момент“.

Но, немаше очигледно движење на двете страни, а Блинкен рече дека САД и нивните сојузници остануваат решителни во отфрлањето на најважните барања на Русија.

Како и да е, Блинкен му рекол на Лавров дека САД ќе ѝ дадат на Русија писмени одговори на нејзините предлози следната недела и предложи двајцата да се сретнат набргу потоа.

Со околу 100.000 руски војници собрани во близина на Украина, многумина стравуваат дека Москва подготвува инвазија иако Русија тоа го негира. САД и нивните сојузници се обидуваат да претстават обединет фронт за да го спречат тоа или да координираат жесток одговор ако не можат.

„Не очекувавме да се случат некои големи пробиви денес, но верувам дека сега сме на појасен пат да ги разбереме позициите меѓусебно“, им рече Блинкен на новинарите по средбата.

Блинкен рече дека Лавров го повторил инсистирањето на Русија дека нема планови да ја нападне Украина, но нагласи дека САД и нивните сојузници не се убедени во тоа.

„Го гледаме она што е видливо за сите, а тоа се делата и постапките, а не зборовите што ја прават разликата“, рече тој, додавајќи дека Русија треба да ги отстрани своите војници од украинската граница доколку сака да ја докаже својата поента.

Лавров, во меѓувреме, ги нарече разговорите „конструктивни и корисни“ и рече дека САД се согласиле да дадат писмени одговори на руските барања за Украина и НАТО следната недела. Тоа барем би можело да ја одложи секоја неизбежна агресија за неколку дена.

Но, Лавров одби да го карактеризира ветувањето кон САД.

„Не можам да кажам дали сме на вистинскиот пат или не“, им рече тој на новинарите. „Ќе го разбереме тоа кога ќе го добиеме писмениот одговор од САД на сите наши предлози“.

Москва побара НАТО алијансата да вети дека на Украина – поранешна советска република – никогаш нема да ѝ биде дозволено да се приклучи. Исто така, сака сојузниците да ги отстранат трупите и воената опрема од делови на источна Европа.

САД и нивните сојузници во НАТО категорично ги отфрлија тие барања. Тие рекоа дека се отворени за помалку драматични потези.

Блинкен рече дека САД ќе бидат отворени за средба меѓу Путин и американскиот претседател Џо Бајден, доколку таа е „корисна и продуктивна“. Двајцата лидери се сретнаа еднаш лично, во Женева, и имаа неколку виртуелни разговори за Украина кои се покажаа главно неубедливи.

Вашингтон и неговите сојузници постојано ветуваат „тешки“ последици, како што се поткопувачки економски санкции – иако не воени дејствија – против Русија доколку се изврши инвазија.

Блинкен го повтори тоа предупредување во петокот. Тој рече дека САД и нивните сојузници се посветени на дипломатијата, но и посветени „ако тоа се покаже невозможно, а Русија одлучи да продолжи со агресија против Украина, на обединет, брз и остар одговор“.

Но, тој рече дека исто така сака да ја искористи можноста директно да сподели со Лавров некои „конкретни идеи за да одговори на некои од грижите што ги искажавте, како и длабоката загриженост што многумина од нас ја имаат за дејствијата на Русија“.

Украина веќе е опфатена со конфликт. Русија на Путин ја презеде контролата врз украинскиот полуостров Крим во 2014 година и го поддржа сепаратистичкиот бунт во источна Украина, дел од зоврениот, но главно закочен конфликт со украинските сили, кој однесе повеќе од 14.000 животи. Путин се соочи со ограничени меѓународни последици за тие потези, но Западот вели дека новата инвазија би била поинаква.

Пред средбата со Лавров, Блинкен се сретна со претседателот на Украина во Киев и со врвни дипломати од Велика Британија, Франција и Германија во Берлин оваа недела.

Додавајќи ги своите повеќекратни вербални предупредувања до Русија, САД ги зајакнаа санкциите во четвртокот. Министерството за финансии на САД донесе нови мерки за четворица украински функционери. Блинкен рече дека четворицата се во центарот на напорите на Кремљ започнати во 2020 година за да се оштети способноста на Украина да „независно функционира“.

Руското Министерство за надворешни работи во петокот ги потврди своите барања НАТО да не се шири во Украина, да не се распоредува оружје на Алијансата во близина на руските граници и силите на алијансата да се повлечат од Централна и Источна Европа.

Во меѓувреме, Стејт департментот објави три изјави – две за руските „дезинформации“, вклучително и конкретно за Украина, и друга со наслов „Преземање акција за разоткривање и попречување на руската дестабилизациска кампања во Украина“. Документите ги обвинуваат Русија и Путин дека се обидуваат да го обноват поранешниот Советски Сојуз преку заплашување и сила.

Руското Министерство за надворешни работи се потсмеваше на тие изјави, велејќи дека тие мора да биле подготвени од Орвелово „Министерство за вистина“, а Лавров каустички ги отфрли.

„Се надевам дека не сите во Стејт департментот работеа на тие материјали и имаше некои кои работеа на суштината на нашите предлози и нивната суштина“, рече тој.

Руското Министерство за надворешни работи, исто така, ги отфрли западните тврдења дека Москва се обидува да ја обнови советската империја и да ја раздели нејзината зона на влијание во источна Европа, обвинувајќи дека Западот е тој што размислува во категории на зони на влијание.

Блинкен се потруди да го нагласи единството на САД со нивните сојузници во спротивставување на можната руска инвазија, нешто што наиде на очигледен удар претходно оваа недела кога Бајден привлече широки критики бидејќи рече дека одмаздата за руската агресија во Украина ќе зависи од деталите и дека „ помал упад“ може да предизвика раздор меѓу западните сојузници.

Во четвртокот, Бајден се обиде да ги разјасни своите коментари предупредувајќи дека секое движење на руските војници преку границата со Украина би претставувало инвазија и дека Москва „ќе плати висока цена“ за таквата акција.

„Бев апсолутно јасен со претседателот Путин“, рече Бајден. „Тој нема никакво недоразбирање: какви било, собрани руски единици кои се движат преку украинската граница, тоа е инвазија“.

Русија во четвртокот го обвини Западот за заговор за „провокации“ во Украина, наведувајќи ја испораката на оружје во земјата од британските воени транспортни авиони во последните денови. (АП)