Алијансата на Села му „честита“ на Таравари за балансерот
„Честито Таравари! Балансерот е укинат, нема повеќе вработувања за Албанците“. Со овие зборови крилото на Зијадин ссСела на Алијансата за Албанците ја прокоментира денешната одлука на Уставниот суд за замрзнување на балансерот.
„По предупредувањата на претставниците на моноетничката Влада, Мицкоски, Димитриевски, Таравари, денеска Уставниот суд направи голем чекор од проектот за деалбанизација на државата. Денешната одлука за укинување на балансерот е удар за еден од главните столбови на Охридскиот договор, правичната и соодветна застапеност. Од денеска па натаму нема да има загарантирани работни места и именувања на раководни позиции на Албанците и другите немнозински заедници. Му честитаме на господинот Арбен Таравари за големата ‘победа’ против Албанците и сервилноста кон оваа антиалбанска влада. Тој ги надмина Мицкоски и Димитриевски изразувајќи се дециден против вработувања по етничка основа и беше последниот соопштувач на оваа одлука што следеше денеска.
Денеска цела јавност виде кои се сценаристите на дестабилизацијата и кој сака тензии. Обвинувајќи ги Албанците и прегазувајќи ги Албанците во исто време, нема да можете да ги реализирате вашите планови, а камоли да нѐ исплашите. Ние заедно со Албанците нема да прифатиме вакви самоволни одлуки, со етничко надгласување, кои ги уништуваат досегашните достигнувања од Охридскиот договор.
Ние, исто така, ќе ги алармираме гарантите на ОД, меѓународната заедница и ќе го кренеме нашиот глас на секаков демократски и легитимен начин“, велат од АА на Села.