Александар Поповски се прости од Баге: Театар без легенди не постои

Македонскиот театарски режисер, Александар Поповски, кој претежно твори и работи надвор од границите, се прости од неговиот колега, идол, учител, Благоја Стефановски Баге, кој почина од последици на Ковид 19.

Во своето проштално четиво, Поповски пишува:

 

,,Драг Баге,

Есенва ми пиша дека си подобро и дека ме чекаш да се вратам и да се видиме. Не се видовме. За жал, последниве години се помалку те гледав.

Сега читам си бил болен. Беше болен, ама не од она кое медицината го лекува. Беше болен по театарот. Беше болен затоа што остана одвоен од тетарот. А за тоа иљач нема. Можеби за некој друг човек , но за тебе, за некој кој толку многу сакаше театар, кој беше роден во театар, кој живееше само за театар, тешко.

Дете бев кога прв пат те сретнав. Предводеше една група глумци. Изгледавте како ликовите од Галското село на Астерикс. Страшно добра банда. Ти , Иљко, Пепи, Јоана, Чоре…Битолски театар. Едно големо семејство.

Се сеќавам со Унко отидовме да ја гледаме претставата „Балканот не е мртов”. Преубава претстава со преубави глумци. На пат назад зборуваваме за тоа дека во Скопје нема таков театар кој е како фамилија. Ве гледав и ви завидував колку ви е убаво, колку сте заедно, колку се забавувате и си играте мајтап едни со други.

Не знам дали познавам друг таков фанатик за театар како тебе. Можеби Ристо Стефановски. Ристо и ти. Ми се допаѓаше како го бранеше Битолски театар. Сакаше секогаш да сте најдобри, први, подобри од сите други, на прво место. Тотално необјективно и со огромна страст. Шапката долу. Само ти смееше да ги караш твоите глумци, никој друг.

Кога работев претстава во твојот театар, ти веќе беше Министер за култура. На една проба се појави и прва работа отиде да ја ставиш кофата на место на кое знаеше дека капе од кровот. Тоа се вика да ја знаеш секоја дупка во театарот. Еден ден снема струја, а ние требаше да играме претстава. И јас викам: „па добро, ќе ја откажеме”. Никогаш нема да ја заборавам реакцијата на актерите: „Нема шанса да ја откажеме претставата, Баге нема да дозволи”. Во Битолски театар не е откажана претстава од не знам која година. Ќе играме на газиени лампи ако треба. Таков фанатизам не сум сретнал, а како одат годините не сум сигурен и дека ќе сретнам.

Колку малку знаеме да ги почитуваме и да се гордемее со луѓето како тебе. Не те сочувавме. Не ја сочувавме и прераскажавме приказната за твојата приказна. Не научивме да се чуваме како семејство. Семејството се искара, куќата ја запалија, ја растурија, синовите те избркаа на улица. Не само твоето семејство. Нашето семејство. Ти си на некој начин симбол на таа наша тага и срамота. Со години се делиме и се гледаме преку нишан. Ние децата од истата фамилија. Од театарската фамилија. Тажно и срамотно.

Твојата љубов за театарот и начинот на кој правеше тој да биде најважната работа на светот се нешто што не смееме да го заборавиме. Она што ти го направи со Битолскиот театар, оние претстави кои се случија таму, тоа е една од најубавите приказни со кои еден театар може да се гордее. Театар без легенди не постои.

Ти си легенда на Битолскиот и на Македонскиот театар. Легенда која треба да се раскажува и раскажува за да не се заборави, за да еден ден да дојде некој друг, којшто ќе ја собере фамилијата.

Знам дека таму кадо што си сега те чека Иљко и дека нема да си сам.Ти благодарам многу за се, најмногу за љубовта кон театарот и за убедувањето дека животот без театар не е живот“, напиша режисерот Александар Поповски по повод смртта на Благоја Стефановски Баге.

Фото: Александар Поповски, приватна архива на ФБ