Албанската влада со 4 милиони евра ќе го финансира концертот на Канје Вест во Тирана
Тирана- Албанскиот премиер Еди Рама ја поддржа одлуката на Албанската влада да издвои четири милиони евра за концертот на американскиот рапер Канје Вест, откако низа негови концерти низ Европа беа откажани поради неговите претходни антисемитски изјави. Според него, целта е да се заштити меѓународниот углед на Албанија и да се остварат значајни економски придобивки. Од друга страна пак, критичарите го доведуваат во прашање оправданото користење на државни средства за настан што е приватна организација.
„Владата во последен момент обезбеди средства за концертот на Вест. Со тоа избегна разочарување кај речиси 25.000 странски посетители од околу 80 земји, кои веќе купиле влезници“, соопштил Рама во изјава за албанската новинска агенција АТА. Концертот претставува голема можност за промоција на Албанија како туристичка дестинација и за привлекување меѓународни посетители, додал тој.
Според Рама, Владата на Република Албанија проценила дека настанот би можел да го зголеми државниот буџет, со најмалку 100 милиони евра.
– Зголемениот број резервации за сместување за викендот ја потврдува мојата процена за покачување на економската состојба во државата.
Концертот е закажан за 11 јули во близина на Тирана.