Ако за „Вреди“ се одредени 400 директори, колку ќе има ВМРО-ДПМНЕ


Од преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“

 

Сите приказни, изјави, критики, прес-конференции, предупредувања на експертите дека нивото на партизацијата во администрацијата и другите јавни служби е на ужасно ниво, со новата влада што се подготвува може да биде на уште поужасно ниво. Владата, која сега има 20 министри, треба да го зголеми бројот на 24. Освен што треба да се формираат неколку нови ресори, и Секретаријатот за европски прашања треба да прерасне во Министерство за европски прашања, што значи дека ќе добие поинаква и помасивна структура.

Градоначалникот на Чаир од коалицијата „Вреди“ (самиот тој дел од Демократското движење), Висар Ганиу, вчера изјави дека оваа четиричлена групација во новата струкура на власта ќе има 400 директори и раководители на институции. Преговорите со ВМРО-ДПМНЕ стигнале до поделбата на раководните места во третиот ешалон. Можеби ќе се оди и подолу. Директори, директори, директори… раководители, раководители… началници, координатори – тоа изгледа како алфа и омега во преговорите со меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“.

Ако „Вреди“ има 400 директори и ако според бројот на пратениците третиот коалициски партнер, ЗНАМ, има најмалку 150 директори и раководители, тогаш колку ќе има ВМРО-ДПМНЕ: 1.500 или 2.000. Ако се променат толку многу директори и раководители тоа ќе биде невиден „прогон“ во администрацијата и партиско запоседнување. Сите бескрајни говори во парламентот на донеодамнешната опозиција за партизацијата на јавната управа со огромната чистка што следува изгледаат бесмислени.  (Н.В.)