Ако мислите дека мултивитамините го продолжуваат животот, се лажете


Тие се главниот нутритивен избор за милиони луѓе, но ако мислите дека земањето мултивитамини ќе ви овозможи да живеете малку подолго, веројатно се лажете. Американските лекари и научници следеле околу 300.000 луѓе постари од 20 години и откриле дека земањето на наводните еликсири на животот „не носат корист во однос на смртноста“.

Истражувањето не потврди дека „употребата на мултивитамини го зголемува животниот век“, посочуваат тие во написот објавен во списанието JAMA Network Open, објавено од Американското медицинско здружение.

И покрај тоа што мултивитамините малку придонесуваат за долговечноста, вклучително и кај болните луѓе и оние со лоша исхрана, „многу возрасни Американци велат дека ги користат за одржување или подобрување на здравјето“, додаваат истражувачите, проценувајќи дека околу една третина од американската популација ги зема.

Истражувањето се надоврзува на извештај од 2022 година кој не може да најде докази дека употребата на мултивитамини била или корисна или штетна.

Новото истражување го зеде предвид т.н „ефект на здрав корисник“, кој влијае на ефикасноста на мултивитамините. Во тој случај, луѓето кои земаат суплементи имаат тенденција да јадат подобро, имаат помала веројатност да пушат и имаат поголема веројатност да вежбаат од оние кои не земаат.

Мултивитаминските суплементи се рекламираат како супстанци кои го зајакнуваат имунитетот, го зголемуваат нивото на енергија, ја зголемуваат виталноста и „општата благосостојба“, но ова истражување следи сè поголем број истражувања кои откриле мала или никаква корист од нив.

„Иако веројатноста дека тие се штетни е мала, веројатноста дека тие имаат јасна здравствена корист е исто така многу мала, а ние исто така сè уште немаме јасни докази за таквата корист“, според Медицинскиот факултет на Харвард.