Акцизните производи ќе се „чипираат“ и ќе се следат до крај за да се сузбие даночната евазија


Акцизните стоки ќе добијат код со кој ќе се следи нивниот пат, а со цел да се сузбие даночната евазија која е 30 отсто од приходите. Владата ја прифати денеска предлог-одлуката за воспоставување на овој систем што ќе го контролира Царинската управа, а ќе се спроведува преку јавно-приватно партнерство. Подзаконските акти треба да бидат готови за 60 дена. 

-Се работи за алатка за борба против сивата економија и отстранување на даночната евазија во државата. Во конкретниот случај за акцизната евазија. Се работи за ‘трак енд трејс систем’ (track and trace или tracking and tracing) којшто секако е целосно согласно европската регулатива и се применува во многу европски земји. Намерата е да се оди по пат на јавно-приватно партнерство, но комплетно контролата на самиот систем да биде под Царинската управа на РСМ, односно тие го контролираат. По нашите претпоставки повеќе од 30 отсто е даночната евазија. Кога зборуваме за даноците, зборуваме и за акцизите во државата. ММФ лани или некаде на почетокот на оваа година излезе со став дека 37 отсто е даночната евазија, односно од Буџетот од 4 милијарди, 30 отсто е милијарда и 200, 37 отсто е милијарда и 400,  така што огромни средства во евра зборувам се  даночните евазии, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција. 

Такви акцизни стоки се цигарите, односно тутунот, алкохолот, автомобилите, цигарите. Новина, вели премиерот, е што ќе се воведе ‘трак енд трејс’ и за лековите, кои не се акцизни сстоки.

За лековите контрола ќе има Министерството за здравство за да може секојпат да знае рокот на самите лекови, значи од кога е влезен, кога е рокот, до кога имаат рок на трајност, количините и залихите коишто ги имаат на располагање заради рационализација на лековите. Како држава трошиме огромни пари на лекови, а притоа се случува да се продаваат лекови коишто се на самиот истек на рокот на важење. На овој начин се поставува подобар менаџер на системот, вели Заев.  

Појасни дека во ‘трак енд трејс’ влегуваат системите каде што преку код електронски се следи секој продукт, односно секое пакло цигари, секој алкохолен производ, секој автомобил и нафтата на соодветен софтверски начин.

-За првите три производи – автомобилот, алкохолот или цигарите се става код којшто електронски се следи од влез на границата, буквално до фрлање во кантата за смет на паклото цигари или празното шише од алкохолот, а автомобилот континуирано се знае од прилика како е влезен и како се користи преку ваквото чипирање, преку еден ваков код. Дополнително во нафтата се воведуваат нано честици коишто уште на самиот влез во државата задолжително се исполнува обврската да одат во резервоарите, а не директно на бензинските пумпи, каде што се прават потенцијални малверзации, односно избегнување одредени давачки се со конечна цел државата да ги наплати сите оние пари коишто ги губи од својот Буџет, а преку тоа создава нелојална конкуренција на вака скапи или луксузни производи како што се цигарите, алкохолот заради што под акцизи се и нафтата и слични производи, истакна Заев. 

Потенцира дека е задоволен од работата на Царинската управа, но посочи дека не е докрај задоволен како се справува со сивата економија, заради тоа што, како што рече, и системите коишто досега ги имаат не даваат резултати. 

Во делот на акцизните стоки, потенцира, верувам дека се избегнуваат плаќања поголеми од десетици, десетици, милиони евра коишто се загуба на Буџетот, но што е уште пострашно создаваат нелојална конкуренција.

Посочи на примери со акцизна евазија.

-Најголем проблем на акцизна евазија се случува на тутунот за моткање, односно којшто е во листови, а граѓаните го користат за своја употреба и може да го купуваат по пазарите и тој го избегнува целиот систем на акцизна контрола. И вториот дел имаме случаи коишто влегуваат во државата заради транзитирање на цигари, а многу често се случува да не излегле од државата. Еден камион со цигари има 100 илјади евра акцизи за плаќање. Сево ова укажува дека државата мора да воспостави систем, рече Заев додавајќи дека ова се резерви од каде може да се добијат дополнителни пари во Буџетот, а државата да не зема кредити. 

Целта е на овој систем, рече Заев, е токму унапредување на борбата против сивата економија. Тоа го правиме преку Царината, преку УЈП, преку Пазарниот инспекторат и преку другите соодветни инспекторати, се со конечна цел – лојална конкуренција и сузбивање на нелојалната конкуренција и сивата економија, но и секако за наплата на оние приходи коишто секој граѓанин и секоја компанија има обврска да ги уплати во централниот Буџет на државата и во буџетите на локалните самоуправи.  

За реализација на овој систем ќе се изберат приватни партнери по пат на јавно приватно партнерство. Постојат, појасни Заев, такви мултинационални компании со седиште во Америка, во Франција, во Германија, во Британија. Системот се применува од страна на САД, како и во многу европски земји кадее ставен во примена. Конечните цели, според него, се сузбивање на сивата економија, наплата на даночната евазија која што сега ја има, односно се избегнуваат одредени давачки и тоа ќе влезе во целиот систем и тука е проблемот.