АХВ: Внимателно со чаевите за слабеење што ги купувате на Фејсбук и на Инстаграм

Сѐ почесто сме сведоци на рекламирање на производи за слабеење со тврдења кои не се научно потврдени, а понекогаш дури и опасни по здравјето. Неконтролирана употреба на чаеви и додатоци за слабеење, посебно оние набавени преку социјалните мрежи или нерегистрирани онлајн-продавници, може да доведе до сериозни здравствени компликации – од дехидратација и нарушување на електролитен баланс, до оштетување на органи.
Ова го изјави Радмила Ј. Николовска, државна советничка во Агенцијата за храна и ветеринарство, на работилницата „Придобивки за здравје, мода или заблуда при купување на храна-нутритивни означувања, додатоци во исхрана и здравствени тврдења“, која вчера се одржа во град Скопје.
„Консултирајте се со лекар, читајте ги декларациите и избегнувајте „брзи решенија“ кои можат да носат долгорочни последици“, рече Николовска.
На работилницата биле презентирани основните законски одредби за безбедност на храната и заштита на потрошувачите, посебно ранливите групи, пациентите, лица со алергии, нетолеранции и специфични здравствени состојби, а исто така се зборувало и за тоа, колку е значајно да се читаат декларации на производи, пациентите да се информираат за алергените во храната и да се разликуваат тврдењата на производите.
Жанета Мијоска, раководителка на сектор во АХВ кажала дека здравствените и нутритивните тврдења на прехранбените производи мора да бидат научно поткрепени и однапред одобрени.
„Не е дозволено производите да се рекламираат со тврдења дека лекуваат или спречуваат болести. Тоа создава лажна сигурност и ја доведува јавноста во заблуда. Наш приоритет е да обезбедиме точни, јасни и проверени информации на декларациите, за граѓаните да можат да направат вистински избор и да се информирани при купување храна“, рече Мијоска.
АХВ апелира до потрошувачите да бидат внимателни при изборот на храна и додатоци во исхрана, да ги читаат декларациите, и да избегнуваат купување од непроверени извори. Инспекциските служби продолжуваат со редовни контроли за заштита на јавното здравје.