Африм Гаши избран за претседател на Собранието со 76 гласа

Во расправата за изборот на Гаши учествуваа само пратениците на Левица. Тие на СДСМ молчеа, претставниците на „Европскиот фронт“ на ДУИ не беа во салата


Фото: Б. Грданоски

 

Помалку од четири часа траеше конститутивната седница на новото Собрание која заврши со избор на пратеникот од коалицијата „Вреди“, Африк Гаши за нов парламентарен спикер. 

За неговиот избор гласаа 76 пратеници, против беа шест, немаше воздржани. За Гаши гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ.

Шесте пратеници на Левица беа против неговиот избор. Пратениците на коалицијата на СДСМ, иако беа во салата, одлучија да не учествуваат во гласањето, па не беа ни за, ни против, ни воздржани. Пратениците од „Европскиот фронт“, коалицијата предводена од ДУИ, ја напуштија пленарната сала уште претходно, кога почна расправата за предлогот Гаши да биде нов спикер и не беа во неа кога се гласаше за него.

Единствените што дискутираа на седницата беа шесте пратеници на Левица. Во нивните излагање се провлекуваше ставот дека партијата Алтернатива, чиј претседател беше Гаши до вчера, имаат само двајца пратеници и еден од нив станал спикер, што било политички незамисливо. Тие го обвинуваа ВМРО-ДПМНЕ дека ја погазило волјата на македонскиот народ уште на првата седница и дека допрва треба да се очекуваат вакви настани. Нивните настапи беа жестоки, ги нарекуваа пратениците на „Вреди“ необалисти, навестувајќи каква ќе биде улогата на Левица во овој собраниски состав. Имаше и реплики, главно од ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците на СДСМ седеа цело време во салата, но не се вклучија воопшто во дискусијата.

Гаши ја даде заклетвата прво на албански, а потоа на македонски јазик и при тоа го употреби уставното име Република Северна Македонија.

По изборот, Гаши имаше кусо обраќање во кое пледираше дека ќе работи во интерес на сите, дека ќе им овозможи на сите пратеници да им биде овозможено да ги претстават своите ставови и дека тоа е убавината на демократијата. Тој цитираше и мисли на починатиот поранешен американски државен секретар Хенри Кисинџер.

По гласањето за изборот на Африм Гаши пратениците на Левица ја напуштија салата и не присуствуваа на цероменијата на заклетвата и потпишувањето на изјавата. (Н.В.)