Аеродромци ќе имаат бесплатно паркирање само во зоната во која живеат – во другите ќе плаќаат


Од 1 април нема да може да паркираме во сите зони низ Аеродром, објавија граѓани во неформалната група на Фејсбук „Општина Аеродром – Граѓанска патрола“. 
 
Имено, како што се појаснува , од 1 април, сите станари, како и физичките и правните лица со издадена дозвола, ќе можат да паркираат исклучиво во зоната за која ја поседуваат дозволата.
Станарите добиваат можност за две бесплатни дозволи за станарски возила, а право на паркирање ќе имаат и вработените во правни субјекти кои гравитираат на зоната, како и останатите заинтересирани корисници.
 
Ова се содржи и во вчерашниот пост на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој беше во посета последниот паркинг кој се претвори во зонски, односно во Реонски центар. Останува, во следниот период истото да се направи и во Ново Лисиче. 
 
„ Од 1 април, сите станари, како и физичките и правните лица со издадена дозвола, ќе можат да паркираат исклучиво во зоната за која ја поседуваат дозволата. Станарите добиваат можност за две бесплатни дозволи за станарски возила, а право на паркирање ќе имаат и вработените во правни субјекти кои гравитираат на зоната, како и останатите заинтересирани корисници.
За останатите, цената ќе изнесува 25 денари за час“, стои во постот на Ѓорѓиевски.
 
Граѓаните, кои сфатија дека жителите на Реонски, а потоа и од Ново Лисиче, нема повеќе да плаќаат, кога на пример, ќе одат во трговскиот центар „Бисер“, не сфаќаат зошто ваков систем. 
 
„Направете една зона цел Аеродром и за сите граѓани во општината. Мислете малку и на нас, претеравте веќе. Ако од Мичурин одиш да пазариш на пазарчето треба да платиш, ако од Ново Лисиче дојдат во амбуланта – да платат, ако носиш дете во училиште да платиш, на курс…“, реагира една граѓанка.
 
„Ова е само за пари. Им требаат пар, нема крај…“, пишува друг.
 
Со оглед на тоа што Општина Аеродром одамна се правдаше дека ова се прави по спроведена анкета, за која ни еден жител не може да посведочи дека учествувал една жителка прашува: „Дали на анкетираните жители/станари ова им било посочено? Друго прашање е и дали воопшто било спроведено анкетирање и на кој начин?“