Администрацијата на Трамп го укина планот на Бајден за надомест за доцнење на летови

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп објави дека се откажува од планот на неговиот претходник Џо Бајден да бара од авиокомпаниите да им плаќаат надомест на патниците кога тие се одговорни за доцнење на летови во Соединетите Американски Држави.
Во декември, Министерството за транспорт на САД под тогашниот претседател Џо Бајден побара јавно мислење за процесот на донесување правила за тоа дали да се бара од авиокомпаниите да плаќаат од 200 до 300 долари за доцнење од најмалку три часа на домашни летови и до 775 долари за подолги доцнења. Американските авиокомпании остро го критикуваа предлогот.
Белата куќа во документ објавен во четврток соопшти дека одделот планира да го повлече планот „во согласност со приоритетите на одделот и владата“.
Во мај 2023 година, Бајден објави дека неговата администрација ќе изготви правила со кои ќе се бара од авиокомпаниите да ги надоместат патниците за прекини на летовите.
„Ерлајнс фор Америка“, група што ги претставува „Американ ерлајнс“, „Делта ерлајнс“, „Јунајтед ерлајнс“ и други, не коментираа за случајот, но минатата година изјави дека планот на Бајден ќе резултира со повисоки цени.
Авиокомпаниите во САД мора да им ги вратат парите на патниците за откажани летови, но не се обврзани да им ги надоместат парите на патниците за доцнења.
Во 2022 година, големите превозници ветија дека ќе платат за оброци, хотелско сместување и други трошоци кога ќе предизвикаат значителни прекини на летовите. Правила за надомест за доцнења на авиокомпаниите се во сила во Канада, Бразил, Европската Унија и Обединетото Кралство.