Адеми: Учебници има и тие се дистрибуираат до училиштата


Учебници за учениците од основното образовани има и тие се дистрибуираат до училиштата според утврдената динамика, тврди министерот за образование и наука, Арбер Адеми, прашан дали повторно учениците ќе се соочат со недостаток на учебници.

– Дистрибуцијата на учебниците се одвива според динамиката како и секоја година. Нема простор за грижи. Тие учебници кои се обезебедени од наша страна преку постапка на откуп, тоа значи дека одредени издавачки куќи имаат ексклузивни права се додека учебвникот има одобрение за употреба, тие веќе се обезбедени и веќе се дистрибуираат на сите училишта. На некое училиште можеби порано, на некои подоцна, но јас верувам дека во текот на оваа недела ќе се заокружи тој процес.

За учебниците кои треба да се печатат дополнително, Адеми рече дека се во фаза на постапка и евалуација на понудите.

– За брзо време ќе имаме и електронска аукција и одредување на оператор, компанија кој ќе ги печати учебниците за кои Министерството ги има авторските права. Во оваа втора постапка, која не е спроведена неколку години наназад, пред моето доаѓање како министер, имаше поништување на тендерската постапка, а сега сме на добар пат – рече Адеми, при отворањето на новото основно училиште „Киро Глигоров“ во Капиштец.

Тврди дека нема застој , туку дека дистрибуцијата се врши според динамиката како и секоја година.(Б.Б.)