Искра Хаџи-Василева е новата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал

Хаџи-Василева е 11 години обвинител. Таа ќе го наследи Ислам Абази. Таа добила 64 гласа, седум повеќе од вториот Трајче Пеливанов


 

Обвинителката Искра Хаџи-Василева победи на денешните непосредни избори за шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Таа освоила најмногу гласови во конкуренција на обвинителите Трајче Пеливанов, Фатон Азизи, Јован Цветановски и Лидија Раичевиќ.

Хаџи–Василева добила 64 гласа. Седум помалку, 57, добил Трајче Пеливанов. На третото место е Јован Цветановски со 30 гласа. По него следува Фатон Азизи со 14, додека Лидија Раичевиќ добила шест гласа.

Хaџи-Василева е јавна обвинителка со 11-годишно искуство и е од петтата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители. Во октомври 2024 година беше избрана за обвинителка во ОЈО ГОКК.

Од последните големи случаи кои го привлекоа јавниот интерес, Хаџи-Василева го застапува обвинението против судијата Ѓоко Ристов, кому истражителите му пронајдоа 350 илјади евра закопани во кујнскиот ѕид во домот на неговите родители.

Финансиски истраги, конфискација на незаконски стекнатиот имот и враќање на довербата во правдата се меѓу приоритетите што Хаџи-Василева ги најави во својата програма. Таа доаѓа на местото на Ислам Абази, чиј мандат завршува на 15 ноември.

Обвинителката Искра Хаџи-Василева победи на непосредните избори за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Таа ја доби довербата на колегите на тајно гласање, во конкуренција со уште четворица кандидати.

Право на глас имаа 187 јавни обвинители од целата држава, а гласањето се одвиваше од 8 до 16 часот. Конечните резултати и излезноста треба да бидат официјално соопштени на јавна седница.

Хаџи-Василева ќе го наследи Ислам Абази, кој беше избран во 2022 година и не се кандидираше за нов мандат. По Вилма Русковска, таа ќе биде втората жена на чело на ова обвинителство, надлежно за гонење организиран криминал и корупција на територијата на целата држава.