Панел-дискусија во рамки на проектот „Времеплов – првите чекори кон урбанизацијата на Скопје“


Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје денеска организира панел-дискусија во рамките на проектот „Времеплов – првите чекори кон урбанизацијата на Скопје“, поддржан од Град Скопје за 2026, во рамките на програмата за поддршка на манифестации и настани од важност за градот преку грантови.

-Панел-дискусијата е замислена како платформа за директен дијалог и интерактивна размена на мислења меѓу експертите, студентите и граѓаните, кои ќе дебатираат за урбаната историја, зачувувањето на архитектонските објекти и иднината на урбанизмот, овозможувајќи поголема вклученост на пошироката јавност. Покрај тоа, преку достапната документарна изложба, присутните ќе имаат можност визуелно да се запознаат со минатото на старо Скопје и неговата трансформација во модерен, напреден и убав град, чии контури на развој јасно се препознаваат и во денешното современо живеење, соопшти „Спона“.

Во организација на Српскиот културно-информативен центар „Спона“ завчера беше отворена документарна изложба  „Времеплов – првите чекори кон урбанизацијата на Скопје“ во Домот на културата „Кочо Рацин“.