Адеми му даде „корпа“ на Георгиев, тој тврди дека сакал да ја заштити од притисоците
Откако претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, ја одби поканата на Судскиот совет да им објасни на средба со какви притисоци се соочува, бидејќи не е негова надлежност да испраќа покани и да организира работни средби за новинарски написи и интервјуа, претседателот на ова тело, Сашко Георгиев се правдаше дека Судскиот совет функционира и работи за да ги штити судиите и дека од тие причини ја побарал средбата.
„Стоиме на располагање за кој било судија, дали од Врховен или друг суд, да ја отвориме таа дискусија и да се ставиме во функција на заштита на судиите. Адеми ни испрати писмо и ни кажа дека нема да дојде. Тоа е нејзино видување на работите, но сметам дека е нужно да дојде и ги изнесе наводите. Советот беше и е подготевн за дискусии за вакви отворени прашања. Ја охрабрувам за сите притисоци или влијанија да го извести Судскиот совет и согласно закон да добие заштита“, изјави Георгиев.
Тој, исто така, ги охрабри и повика сите судиите, ако имаат какво било влијание да го известат Судскиот совет.
„Апсолутно е недозволиво какво било влијание вез судија или поротник. Согласно закон какво било влијание е кривично дело, што значи веднаш ќе го известиме Обвинителството“, рече Георгиев.
Судијата Ивица Николовски, кој е член на Советот, порача дека Судскиот совет има обврска и ќе ги заштити судиите.
„Од колегите и граѓаните ни доаѓаат разни претставки, но досега нема такви дека некој им вршел притисок. Доколку имаме такви сознанија ние би постапиле“, изјави Николовски.
Судијката Антоанета Димовска, најновиот член на Советот, рече дека ја поздравува транспарентноста на Беса Адеми со медиумите, но не и, како што вели, да имаме искривена слика.
„ашата покана беше за една конкретна точка, на која требаше да разговараме за наводните притисоци, за кои ние не знаме и може да се вистинити“, изјави Димовска.