Адаптирани простории за настава на ученици од ОУРЦ „Иднина“ во средното „Св. Наум Охридски“


Учениците од Основното училиште со ресурсен центар (ОУРЦ) „Иднина“ во Чаир од оваа учебна година ќе учат во простории на Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ во Капиштец. 

Тие привремено ќе бидат преселени во предаптирани простории затоа што објектот на „Иднина“ во Чаир е руиниран и ризичен за безбедноста на учениците и вработените. Тој ќе биде урнат и на истата локација ќе се гради ново училиште.

Се работи за околу 70 редовни ученици и 130 кои доаѓаат на рехабилитација од основни училишта од скопскиот и североисточниот регион на државава. 

 Делот од средното училиште „Св. Наум Охридски“ што е отстапен за учениците од „Иднина“ летово беше реконструиран и адаптиран со донација на Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО). 

Поголем дел од просторот е преадаптиран и денеска го посетија министрите за образование и наука и за животна средина, Весна Јаневска и Изет Меџити, и претставници од Комората МАТТО.

Министерката Јаневска изјави дека состојбата во старото училиште „Иднина“ не соодветствувала на стандардите и затоа се прави реконструкцијата со што ќе им  се овозможат безбедни услови за настава.

-Веќе девет кабинети се опремени, има соба за психомоторна едукација и рехабилитација, Монтесори кабинет, библиотека и дополнително уште осум нови се при крај на нивното реновирање. Со тоа, ќе ги исполниме условите најголем дел од децата, 200 на број, да бидат овде сместени. Дел од учениците се уште работат  во старото училиште „Иднина“ каде што е безбедно и очекуваме во многу краток рок да ги довршиме работите што почнаа во јули. При градбата се отворија и други потреби – на пример, безбедносни врати отпорни на оган, средување на тоалетите соодветно на потребите на училиштето, вентилација… Благодарение на МАТТО, ова е направено по највисоки европски стандарди и е решен проблем со години нерешаван, изјави Јаневска. 

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити истакна дека со овој проект испраќаат порака дека „секое дете во нашата држава заслужува еднаков пристап до образование и еднаква шанса за развој“.

-Секое од децата ќе може да учи и да се развива во безбедна и поттикнувачка средина. Ова е само првиот чекор. Владата останува посветена на изградба на нов, современ објект на постојната локација во Чаир. Нашата визија е Чаир да стане вистинска инклузивна општина, пример за тоа како општеството се грижи за најмладите и најранливите, рече Меџити.

Трајно решение за ОУРЦ „Иднина“ ќе биде нов објект на локацијата каде што сега се дотраените бараки на училиштето. Меџити посочи дека на тоа место има 16 000 квадратни метри и, според ДУП, 8000 квадрати се наменети за училиште за деца со посебни потеби, а на останатите 8000 квадрати е предвидена изградба на ново основно училиште во општина Чаир со што ќе се задоволат просторните услови за реализација на едносменска настава. Засега не е одреден термин кога би почнала изградба на објектите за двете училишта. 

-Немаме притисок, овде имаме многу добро решение за децата со посебни потреби. Таму е веќе чисто, имаме детален план, ги имаме маркиците, имаме финансиска конструкција, проектите се работат и ќе може одеднаш да се изградат. Тоа оди во прилог на визијата сите училишта да работат во една смена, а Чаир има најмногу потреба затоа што многу училишта имаат голем број ученици, додаде Меџити.

Претседателот на Македонско-турската стопанска комора-МАТТО Ајдован Адемоски изјави дека се среќни што придонеле во реализацијата на овој проект.

-Ние сме одговорна комора која придонесува и инвестира во иднината на децата и во децата со посебни потреби. Стоиме секогаш на располагање да помагаме на сите наши деца затоа што тие се нашата иднина, рече Адемоски и се заблагодари на Владата што им овозможила да го реновираат училиштето.