АД МЕПСО: Го прифаќаме извештајот на ДЗР и веќе спроведуваме мерки за отстранување на затекнатите слабости


Фото: Б. Грданоски

Новото раководство нема намера да ги игнорира или релативизира утврдените слабости. Ги прифаќаме наодите од Извештајот и веќе спроведуваме мерки за отстранување на затекнатите состојби, велат од АД МЕПСО откако денеска Државниот завод за ревизија го објави извештајот за работата на оваа компанија за 2024 година. 

– За МЕПСО, ревизорскиот извештај претставува важен институционален механизам за утврдување на реалната состојба и основа за понатамошно подобрување на управувањето со имотот, инвестициите, финансиските средства и човечките ресурси. Наодите во извештајот не се однесуваат само на состојби создадени во текот на 2024 година, туку опфаќаат процеси, договори, инвестиции и имотно-правни прашања што се акумулирале во период од повеќе години, а во одредени случаи и од основањето на АД МЕПСО во 2004 година. Новото раководство нема намера да ги игнорира или релативизира утврдените слабости. Напротив, обврската на секое одговорно раководство е да ги утврди наследените проблеми, да ги претвори ревизорските препораки во конкретни мерки и да обезбеди тие да не се повторуваат, велат од АД МЕПСО.

Соопштението подолу е објавено во целост: 

МЕПСО го прифаќа извештајот на ДЗР и веќе спроведува мерки за отстранување на затекнатите слабости од претходните раководства

Новото раководство на АД МЕПСО го прифаќа извештајот на Државниот завод за ревизија и уште пред неговото објавување работи на отстранување на забелешките и слабостите затекнати од претходните раководства.

За МЕПСО, ревизорскиот извештај претставува важен институционален механизам за утврдување на реалната состојба и основа за понатамошно подобрување на управувањето со имотот, инвестициите, финансиските средства и човечките ресурси.

Наодите во извештајот не се однесуваат само на состојби создадени во текот на 2024 година, туку опфаќаат процеси, договори, инвестиции и имотно-правни прашања што се акумулирале во период од повеќе години, а во одредени случаи и од основањето на АД МЕПСО во 2004 година.

Новото раководство нема намера да ги игнорира или релативизира утврдените слабости. Напротив, обврската на секое одговорно раководство е да ги утврди наследените проблеми, да ги претвори ревизорските препораки во конкретни мерки и да обезбеди тие да не се повторуваат.

Регулирање на сопственоста и сметководствената евиденција

Имотно-правните прашања поврзани со далноводите, трафостаниците и земјиштето во значителен дел потекнуваат од поделбата на поранешното Електростопанство на Македонија и распределбата на имотот меѓу новоформираните енергетски субјекти.

Станува збор за исклучително сложен процес, бидејќи електропреносната инфраструктура се протега низ целата држава, преку голем број приватни и државни парцели. За регулирање на правниот статус на секој далновод и секое столбно место се потребни посебни постапки пред Агенцијата за катастар на недвижности, локалните самоуправи и другите надлежни институции.

МЕПСО веќе презема активности за решавање на овие состојби. Во септември 2025 година беше формирана нова работна група со ЕВН Македонија за регулирање на сопственоста на трафостаниците. Договорено е процесот да се одвива во две фази, преку меѓусебно регулирање на сосопственичките права и преку утврдување на фактичката состојба кај објектите што сè уште не се целосно запишани.

Паралелно со имотно-правните постапки, во текот на 2025 година новото раководство активираше и сметководствено евидентираше завршени инвестиции во вредност од околу 18 милиони евра, кои со децении не биле соодветно активирани во деловните книги.

Со нивното евидентирање се обезбедува пореална слика за вредноста на имотот на МЕПСО, а податоците стануваат дел од основата што се користи при утврдувањето на тарифата за пренос на електрична енергија. Постапката за проверка и активирање на останатите средства продолжува.

Инвестициските проекти се деблокираат

Ревизорскиот извештај укажува на доцнење, пролонгирање на роковите и зголемување на вредноста кај повеќе инвестициски проекти започнати во изминатите тринаесет години.

Договорите и анексите за проектите „Ревитализација на 110 kV далекувод ТС Скопје 4 – ТС Велес“ и „Реконструкција на 110 kV далекувод ТС Битола 1 – ТС Прилеп“ биле склучени во периодот на претходните раководства.

По извршената анализа, сегашното раководство го раскина договорот за проектот Скопје – Велес, со цел да спречи продолжување на нефункционален договорен однос и да создаде услови проектот да продолжи на економски и технички одржлива основа.

Кај проектот „Изградба на 110 kV далекувод ТС Валандово – ТС Милетково“, кредитното задолжување било одобрено пред промената на раководството. Новото раководство затекна некомплетна урбанистичко-планска документација и повеќе административни пречки поради кои не можела да започне реализацијата.

Веднаш беа започнати активности за комплетирање на документацијата и за придвижување на проектот. Постапката за набавка според правилата на Европската банка за обнова и развој е веќе објавена и се наоѓа во напредна фаза.

Интерконекторот со Албанија продолжува со нов изведувач

Еден од најзначајните проекти што новото раководство ги затекна во сериозен застој е изградбата на 400 kV интерконективен далекувод меѓу Северна Македонија и Албанија.

И покрај повеќегодишното траење на договорот, физичката реализација на терен била исклучително ниска, додека МЕПСО и државата имале финансиски обврски поврзани со обезбедените кредитни средства.

Поради долгиот застој, недоволниот напредок и неисполнувањето на договорните обврски, договорот со претходниот изведувач беше раскинат. Во меѓувреме е склучен нов договор и проектот повторно е активиран, со конкретна динамика на реализација на терен.

МЕПСО останува целосно посветен на завршувањето на интерконекторот со Албанија, кој е од стратешко значење за енергетската безбедност, регионалното поврзување и интеграцијата на домашниот електропреносен систем во европската мрежа.

Поголема финансиска дисциплина

Новото раководство на АД МЕПСО затекна повеќе блокирани или забавени проекти, пред сè поради нерешени имотно-правни прашања, некомплетна документација и недоволна меѓуинституционална координација.

За надминување на овие состојби се воспоставуваат работни групи и координациски механизми со надлежните институции, со цел побрзо обезбедување дозволи, документација и услови за реализација на инвестициите.

АД МЕПСО презеде мерки и за зголемување на дисциплината на учесниците на пазарот на електрична енергија. Зголемени се финансиските гаранции, скратени се роковите за пресметки и зајакнати се механизмите за управување со дебалансите.

Со овие мерки се намалува ризикот од создавање нови ненаплатливи побарувања и се обезбедува повисок степен на одговорност кај трговците со електрична енергија.

Вработувањата се спроведени пред актуелното раководство

Во однос на утврдените неправилности кај дел од нововработените лица, МЕПСО нагласува дека јавниот оглас бил објавен во 2023 година, а постапката била финализирана пред изборите во 2024 година и пред назначувањето на сегашното раководство.

Сепак, независно од тоа кога се спроведени постапките, новото раководство ќе ги разгледа ревизорските препораки и ќе работи на воспоставување појасни, проверливи и транспарентни критериуми при идните постапки за вработување, унапредување и прераспределување.

Зајакнување на сајбер-безбедноста

Сајбер нападот врз МЕПСО се случил пред новото раководство да ја преземе функцијата и бил оперативно надминат без да биде нарушен преносот на електрична енергија.

Сепак, имајќи ги предвид сериозноста на современите сајбер-закани и стратешкото значење на електропреносниот систем, во септември 2024 година, во соработка со ЕБРД, беше подготвена техничка спецификација за проект за дополнително зајакнување на сајбер-безбедноста. Проектот е во постапка на обезбедување финансиска поддршка. Додатно, во оваа насока истакнуваме дека е пред завршување Disaster Recovery Location, проект со кој дополнителни инвестираме во зголемување на сајбер безбедноста.

МЕПСО ќе подготви акциски план за ревизорските препораки

Новото раководство на МЕПСО ќе продолжи со детална анализа на секоја препорака од Државниот завод за ревизија и ќе подготви акциски план со утврдени активности, надлежни организациски единици и рокови за реализација.

Особено внимание ќе биде посветено на: регулирањето на сопственичките права врз електропреносната инфраструктура, усогласувањето на сметководствената и техничката евиденција, подобрувањето на постапките за вработување и зајакнувањето на внатрешните контроли и сајбер-безбедноста.

АД МЕПСО ќе продолжи редовно и транспарентно да ја информира јавноста за напредокот во спроведувањето на мерките.

Основната дејност на компанијата , сигурниот и стабилен пренос на електрична енергија, се одвива непречено. Истовремено, приходите од основната дејност и од прекуграничните преносни капацитети бележат раст, дебалансите покажуваат тренд на стабилизирање, а загубите во преносната мрежа се намалуваат.

МЕПСО нема да бега од затекнатите проблеми. Напротив, новото раководство ќе ги користи ревизорските наоди како основа за системско расчистување на наследените состојби, подобрување на корпоративното управување и воспоставување повисоки стандарди на одговорност, ефикасност и транспарентност.

Целта е јасна: МЕПСО да биде стабилна, професионална и модерна компанија која одговорно управува со државниот имот, ги забрзува стратешките инвестиции и останува сигурен столб на македонскиот електроенергетски систем.