Филипче објави Записник од седница на Владата за Алта банка. Министерката Кочоска знаела сѐ

Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска денеска објави дека гувернорот Славески не ја консултирал за влезот на Алта банка во Македонија


Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција во Владата

 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, објави Записник од седницата на Владата од 23 септември 2025 година, во кој се содржани заклучоци поврзани со понудата за преземање акции од „Алта банка“ АД Белград, донесени на предлог на министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Филипче побара нејзина оставка, итна истрага од Јавното обвинителство и вклучување на Европското обвинителство за проверка на текот на парите поврзани со Алта банка – стои во соопштението на СДСМ.

„Гордана Димитриеска Кочоска да си поднесе оставка, лаже за Алта банка! ОЈО веднаш да отвори истрага и за Христијан Мицкоски и за Кочоска, да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка“, порача Филипче.

Тој потенцираше дека објавениот записник покажува оти министерката била информирана и лично предложила заклучоци за постапувањето на институциите што поседувале акции опфатени со понудата.

„Не само што била информирана, туку Владата на Мицкоски токму на предлог на Кочовска носела Заклучоци директно поврзани со понудата за преземање акции од страна на Алта Банка АД Белград на 16 јавни институции. Еве го Записникот. Седницата на Владата од 23 септември 2025 година“, наведе претседателот на СДСМ.

Филипче побара одговор дали зад ваквото постапување стоела директна комуникација со Давор Мацура и овозможување да стекне поголем пакет акции на сметка на државата.

„Дали ова значи дека биле во директна комуникација со Давор Мацура и му овозможувале да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата? Срам сте! Ќе одговарате!“, порача Филипче.

Денеска Димитриеска-Кочоска вели дека таа не била консултирана, ниту Министерството за финансии за влезот на Алта банка на македонскиот пазар. Гувернерот Трајко Славески неодамна изјави дека, иако Народната банка е независна институција, сепак разговарал и со Владата за намерата на Алта банка да ја купи Стопанска банка од Битола. Тој не кажа точно со кого во Владата.

Кочоска денеска рече дека Министерството немало никаква комуникација со гувернерот во врска со влезот на банката и дека не знаеле ниту за преговорите ниту за други заинтересирани купувачи.

Уште позначајно министерката за финансии вели дека за актуелните случувања со Алта банка Битола главно се информира преку медиумите. Тоа делува прилично невообичаено, затоа што работите излегоа прилично од контрола. А министерката за финансии се информирала за големите проблеми од медиумите. Сепак, таа не очекува случајот да ја наруши стабилноста на банкарскиот систем, бидејќи банката има мал удел во вкупниот сектор. Според неа, штедачите треба да бидат спокојни.

Димитриеска-Кочоска најави дека во текот на денот ќе оствари средба со гувернерот Славески.