Филипче и Славески во „дуел“ на Икс. Гувернерот му порача на хирургот: „Јасно е сега?“

Трајко Славески му порача на Венко Филипче да го избрише „срамниот пост“ ако е „разумен човек“


 

Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, реагираше политички на забелешките на лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, околу настаните со Алта банка од Србија и нејзината „ќерка“ во Македонија Алта Банка од Битола.

Филипче ја критикуваше одлуката на гувбернерот и НБМ граѓаните да можат да подигнуваат 10.000 денари неделно, а за правните лица да нема такви ограничувања.

„Каква е оваа одлука на Трајко Славески граѓаните да не можат да си ги извадат парите, да можат само 10.000 денари неделно да вадат, а фирмите да можат колку сакаат? Значи парите од криминалните тендери на ВМРО-ОКГ и парите кои Вучиќ ги префрли, а се дел од истрага ќе продолжат да се перат, а парите на народот ќе останат заробени. Партиските фирми на организираната криминална група ќе си ги повлече парите а народот ќе остане без своите пари“, напиша Филипче на Икс.

Гувернерот Славески, како и често во минатото, не можеше да издржи, па му порача на лидерот на СДСМ дека погрешно ги толкува воведените мерки. И дека треба да го избрише „срамниот пост“ ако е „разумен човек“.

„Почитуван докторе, разумен човек уште веднаш ‘хируршки’ би го отстранил/избришал овој срамен пост“, напиша Славески.

Тој рече дека правните лица нема да можат да повлекуваат средства од сметките во Алта банка во Битола.

„Тие единствено ќе можат да вршат пренос на парични средства, во неограничен износ, на сметки на други клиенти во Алта банка АД Битола“, нагласи гувернерот.

И директно му се обрати на Филипче: „Јасно е сега?“

Додека траеше овој „дуел“, Алта банка од Битола објави дека од утре ги затвора сите експозитури на неодредено време.

Додека гувернерот го прашува хирургот дали му е јасно сега, Филипче нешто подоцна објави на Икс уште една информација – дека Црна Гора ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта пеј груп. Во објавата, Филипче порача дека ништо не е во ред како што сакаат да претстават македонските власти и потсети дека СДСМ уште во декември минатата година предупреди за сомнежите поврзани со Алта банка, но Народната банка со месеци не преземала ништо. 

„Ништо не е во ред. Уште во декември лани им рековме на граѓаните дека ова е пералница за пари на Вучиќ. До вчера Народната банка не мрдна. Со денови бараме реакција – дури денес прва реакција. Компаниите слободно да префрлаат пари. Граѓаните не можат. Луѓе без картички не можат да стигнат до своите пари бидејќи експозитурите не работат. Многу банкомати се празни, а на другите се чека со часови“, вели Филипче.

Филипче го повика  гувернерот Славески да одговори колку пари Вучиќ префрлил во Македонија и дали тие пари останале тука или продолжиле кон Москва, нагласувајќи дека сега, кога ја презеле контролата, институциите не можат да се повикуваат на незнаење.

„Ако банката е во „одлична форма“, како што вели Мицкоски – зошто им е запрена исплатата на граѓаните?“, прашува претседателот на СДСМ.