ОН изгласа резолуција против ембаргото врз Куба, Македонија гласаше „против“ неа


Во Обединетите нации сѐ е подготвено за годинашниов собир на лидерите

Генералното собрание на Обединетите нации со огромно мнозинство повика на прекин на повеќедецениското економско ембарго на САД врз Куба, при што 130 земји беа за резолуцијата, 25 воздржани, додека 17 земји, вклучувајќи ги САД и Израел, гласаа против.

Македонија е меѓу 17 земји што гласаа против резолуцијата со која се бара укинување на американското економско, трговско и финансиско ембарго кон Куба. 

Генералното собрание по 34 пат го осуди ембаргото, но поддршката годинава значително се намали. Лани за резолуцијата гласаа 165 држави, седум беа против, а 12 воздржани. Гласањето следуваше по засилена дипломатска кампања на Вашингтон за повеќе земји да се спротивстават на документот или да се воздржат.

Според „Асошиејтед прес“, покрај Македонија, против гласаа и Босна и Херцеговина, Колумбија, Костарика, Еквадор, Литванија, Мароко, Парагвај и Словенија. Германија, Италија и Летонија беа меѓу воздржаните земји.

Резолуцијата не е правно обврзувачка и не го принудува Вашингтон да ја промени политиката на санкции, но претставува показател за меѓународниот однос кон ембаргото.

Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригес, пред гласањето, ги обвини САД дека водат економска војна против неговата земја.