Муцунски гласал против Куба бидејќи не сакал да поддржи „брутален комунистички режим“
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, ја бранеше денес својата позиција околу резолуцијата што ја изгласа Генералното Собрание на ОН и со која се бара прекин на повеќедецениското економско ембарго на САД врз Куба, кое ја изгладнува нацијата, а не донесе никаква промена, напротив работи против тоа.
Македонија инаку беше меѓу 13 земји што беа против резолуцијата во чиј прилог гласаа 130 земји членки на Обединетите нации, заедно со САД, со Израел и Словенија на Јанез Јанша, како единствена од земјите членки на ЕУ. Министерот рече дека воопшто не се двоумел кого да поддржи бидејќи не гледа логика да застане за комунистички и диктаторски режим.
„Повеќе години гласавме на оваа линија . И неколку земји членки од Европа гласаа како нас, конкретно Словенија. Јас апсолутно сметам дека (таквото гласање) е во наш државен интерес и не гледам зошто не би го поддржале нашиот главен гестратешки партнер, САД. Кој е всушност нашиот интерес да застанеме во поддршка на брутален комунистички режим кој го остави народот без енергија и без храна: Јас немам никаква дилема кого треба да поддржам“, порача Муцунски.
Ова е последната од серијата резолуции со кои Македонија се стави во улога на „пудлица“ на Доналд Трамп, кого без било каква ограда го поддржува во Обединетите нации гласајќи не само против Куба. туку и против запирање на геноцидот во Газа.
Според Левица, со гласањето против Куба Македонија отстапила од својата долгогодишна позиција и се приклучила на малцинството држави што се спротивставија на резолуцијата.
„За укинување на ембаргото гласаа 130 држави, додека само 17 беа против, меѓу кои Македонија, САД, Израел и Украина. Ваквото гласање јасно покажува каде лежат приоритетите на Владата на ДПМНЕ и чии интереси ги застапува македонската дипломатија.
Со овој потег Министерството за надворешни работи, предводено од Тимчо Муцунски, продолжува со политиката на политички авантуризам без било какво сериозно образложение за причините за таквата постапка. Меѓу другото, оваа Влада која се повикува на европски вредности мора да разјасни како оваа одлука се вклопува во нејзината декларативна определба за европска интеграција.
Јасно е дека гарнитурата на ДПМНЕ станува сѐ поочајна во надворешно – политичките потези, а Муцунски со секој нареден чекор ја изедначува дипломатијата со онаа на моменталната гарнитура во Вашингтон. Прашање е што е следно и по кое важно геополитичко прашање срамните вмровските акробации ќе ја загрозат јавноста и ќе ја посрамотат македонската нација.
Бараме образложение од Муцунски во чие име гласаа нашите претставници, од кој беше донесена ваквата поразителна одлука како и да сподели конкретни аргументи за гласањето против резолуцијата. Нема да дозволиме надворешната политика да се претвори во механичко следење на интересите на транзиторни гарнитури, особено кога станува збор за прашање за кое Македонија со децении имала автентична позиција.
Македонија мора да има сопствен глас во Обединетите нации, а не да биде статист во туѓите геополитички пресметки“, оценија од Левица. (С.Ј.)