Муцунски за Ива Михаилова: Непристојно е земја членка на ЕУ да стане прибежиште за бегалци од правдата
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, упати остра порака до официјална Софија во врска со третманот на бегалците од македонското правосудство и конкретно тоа на Ивa Михајлова, нагласувајќи дека и државите членки на Европската Унија мора да ги почитуваат врвните европски стандарди за владеење на правото.
Тој сепак порача дека Македонија не ги прекинува интензивните дипломатски напори за деблокада на евроинтегративниот пат и дека билaтералниот дијалог со Бугарија продолжува, но исклучиво во координација и активна комуникација со сите земји членки на Европската Унија.
Муцунски откри дека во изминатите денови остварил важни средби на највисоко ниво, вклучително и со францускиот министер за европски прашања во Црна Гора, каде што директно ги презентирал македонските позиции. Тој посочи дека и за време на денешната средба со словачкиот колега Јурај Бланар, деблокадата била една од главните теми, со оглед на тоа што сите одлуки поврзани со проширувањето и интеграцијата носат исклучителна тежина и бараат целосен консензус во Брисел.
„Дијалог има и ќе продолжиме да воспоставуваме дијалог. Тој е билатерален со Бугарија, но вклучува наша активна комуникација со претставниците на земјите членки на ЕУ. За сите одлуки поврзани со нашата интеграција е потребен консензус, што значи дека за било какво решение за коешто работиме со Софија, неопходна е поддршка и консензус од сите земји членки на Унијата“, рече Муцунски.
Според него, европскиот пат на земјава нема алтернатива и Владата ќе продолжи да работи на ова прашање. Во моментов, како што посочи,не е планирана средба со бугарската колешка Петрова-Чамова, но во декември ќе има повеќе можности за разговори во рамките на меѓународните состаноци, посочувајќи на министерските состаноци на НАТО и ОБСЕ, каде, како што рече, би можел да се сретне со Чамова и отворено да разговараат за евроинтеграциите и за прашањата што ја загрижуваат македонската страна.