Венко Филипче ќе го врати Васко Ковачевски да одговара и да ги врати парите
Битолските социјалдемократи биле во блага смисла „шокирани“ од зборовите на лидерот кажани на состанокот – дека нивни партиски другари станале милионери
БИТОЛА – Позитивен „шок“ им приредил лидерот на СДСМ, Венко Филипче на сопартијците во Битола, откако синоќа на партиски состанок им рекол дека ќе го врати Васко Ковачевски, екс директорот на АД ЕСМ, кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница.
Целта на Филипче била Ковачевски да ги врати парите, и ова го повторил неколку пати.
Филипче вчера го помина денот во Битола како гостин на настан посветен на „Розов октомври“, па во партиското седиште на општинската организација на СДСМ ги собрал на состанок битолските социјалдемократи. Говорел за состојбите во партијата и на самиот крај од излагањето, на изненадување на присутните го таргетирал Васко Ковачевски, своевремено висок партиски функционер на СДСМ и директор на ЕСМ. Ковачевски од 30 декември 2024 година, се бара со меѓународна потерница за злоупотреби во службата, за судскиот предмет „Адитив“, додека беше на чело на државата компанија Електрани на Македонија.
Според наши соговорници присутни на состанокот, Филипче на битолчани им рекол: „Почитувани другари, едно да знаете – Васко Ковачевски ќе го вратам! Ќе одговара, за да ги врати парите“, рекол Филипче и ги затекнал сопартијците со неочекуваниот настап.
Филипче сакал да каже дека ќе ја донесе правдата во Македонија, па продолжил во контекст дека знаел како е „договорен“ Васко Ковачевски, алудирајќи на договор со власта, но напоменал дека тој имал „начин“ како да го врати Ковачевски. Па во еден момент се обидел да ги убеди сопартијците од Битола за она што го зборува, велејќи им: „Верувајте, ќе го вратам, знам како, оставете на мене. Наши партиски другари се направија милионери“, рекол Филипче.
Ваквиот говор на Филипче бил позитивно прифатен од партиското членство во Битола, но како што велат нашите извори останало да виси прашањето, зошто имал потреба лидерот Филипче на ваков говор кога нема избори, ниту било какви новости поврзани со бегалецот Ковачевски.
Филипче им кажал на битолчани дека води тешки битки со власта и дека партијата ќе победи на следните избори. Ги охрабрувал да бидат похрабри во јавните настапи и обезличувањето на власта.
Филипче вчера на конференцијата „Здрава жена – силна жена“, посветена на руралните жени, во рамки на кампањата „Розов октомври“, во организација на Форумите на жени на СДСМ од Битола, испрати и силни критики за власта за водењето на здравството, велејќи дека со вториот ребаланс власта крати пари за здравството, за превенција, за вакцини, за ретки болести.
„Во месецот кога треба да потсетиме на важноста од навременото дијагностицирање на ракот на дојката, денес пациентите се соочуваат со долги листи на чекање за прегледи и дијагностика, медицински апарати кои често не работат, недостиг од лекови. Неколку пати во овие повеќе од две и пол години, онколошките пациенти беа оставени и без потребната терапија“, рече Филипче.