Проценуваме дали може да се постигне трговски договор со САД, вели претседателката на Мексико
Претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, денеска изјави дека трговските преговори со САД се во тек и оти двете страни проценуваат дали е можно да се постигне договор пред американските избори на средината од мандатот, кои се одржуваат на почетокот на ноември.
– Во областите во кои можеме да постигнеме договор и да ги засилиме двете земји, остваруваме напредок – рече Шејнбаум за време на нејзината редовна утринска прес-конференција.
САД и Мексико работат на привремен билатерален договор додека истовремено траат тешки преговори со Канада за можно обновување на трилатералниот трговски договор УСМЦА.
Мексико и понатаму бара „значително намалување“ на царините за домашната автомобилска индустрија, како и за индустријата за челик и алуминиум, додаде таа.
Напорите на Мексико да постигне договор следуваа откако пропаднаа трговските преговори меѓу САД и Канада минатиот месец, што доведе до остар царински спор кој вклучува нови американски забрани за увоз на канадски алкохол, мотоцикли и млечни производи.
Канада најави реципрочни мерки во иста вредност, а оваа ситуација дополнително ја зацврсти стратегијата на Мексико да соработува со Вашингтон наместо да влегува во судир, во надеж дека ќе издејствува намалување на царините.