Вардар 1961 со реми против Мелсунген го заврши настапот во Лигата на шампиони
Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 одигра вечерва пред своите гледачи во Скопје нерешено 26-26 против германски Мелсунген во својот завршен ннастап во групата Б во Лигата на шампиони.
Мелсунген ја имаше почетната иницијатива и откако поведе со 2-0 ја одржуваше предноста, која достигна највисоки +3 (10-7) на средина од првото полувреме.
Од тој момент, меѓутоа, Вардар фати резултатски приклучок, понесен од одличниот Милош Валах, кој запиша осум интервенции во првото полувреме. Вардар најпрво со серија од 3-0 втор пат го израмни резултатот, а со нова серија од 4-1 во завршните минути дојде и до предност на полувремето од 14-12.
Второто полувреме започна со серија на Мелсунген од 4-1 за ново водство на германскиот тим од 16-15, но Вардар набрзо се врати во ритам и во 48. минута дојде до гол предност 21-20.
Завршните десет минути во СЦ „Јане Сандански“ донесоа голема неизвесност, а водството се менуваше на двете страни. На 25 секунди до крајот, Вардар поведе со 26-25, откако Фадуил беше прецизен од линијата од седум метри, но Мелсунген брзо реализираше во следниот напад за израмнување на резултатот на 26-26.
Ракометарите на Вардар го имаа последниот напад, а судиите по долго прегледување на видеоснимката одлучија дека немало елементи за седум метри во прекршокот на германскиот тим, кој на крајот извлече бод на гостувањето во Скопје.
Фадуил со седум голови беше најефикасен во редовите на Вардар, додека Валах го заврши натпреварот со 15 одбрани.
Вардар со вечерашниот дуел го заврши настапот во групната фаза во Лигата на шампиони со три освоени бодови, а натпреварувањата на меѓународната сцена ги продолжува во ЕХФ Европската лига.