Јубилејни проекции од македонски премиери и нови филмски наслови во ноемвриската програма на Кинотеката
Ноемвриската програма на Кинотеката ќе почне во вторник, 3 ноември, со Етнолошкиот филмски фестивал, по што ќе следува Неделата на јапонски филм во неколку вечери меѓу 4 и 10 ноември.
-Ноемвриската програма на Кинотеката на Македонија претставува разновиден пресек на филмските искуства, историските перспективи и естетските определби што ја обликуваат кинематографијата како уметност, општествен документ и простор на културно паметење. Во неа се испреплетуваат јубилејни проекции на значајни остварувања од македонската кинематографија, современи домашни и регионални продукции, филмски дела од азиските кинематографии и можности за повторно откривање на авторите чие творештво оставило трајна трага во нашата културна историја, соопшти Кинотеката.
На програмата во ноември е јубилејната проекција (28 ноември) на документарниот филм „Австралија, Австралија“ на Столе Попов, кој годинава одбележува половина век од премиерата. На 18 ноември ќе биде прикажан филмот „Жед“ на режисерот Димитрие Османли, по повод 55 години од премиерата, а за 20 години јубилеј проекции ќе има на филмовите „Тајната книга“ на Владо Цветановски и „Караула“ на Рајко Грлиќ.
-Програмата за ноември не останува затворена во историските ретроспективи. Современите продукции ја прошируваат перспективата кон теми што ја определуваат денешната општествена стварност: моќта на корпорациите, историската траума, родовите нееднаквости и наследството на политичките поделби. Во рамките на овој циклус филмови, посетителите ќе може да ги погледнат „Којотот против системот“ (2026), во режија на Дејв Грин, „Сирак“ (2025) на унгарскиот режисер Ласло Немеш и „Скејтбординг не е за девојчиња“ (2026) во режија на Дина Дума. За југословенското наследство и современите идентитетски потраги ќе стане збор во филмот „Југо оди во Америка“ (2026), во режија на Филип Грујиќ и Алекса Броковиќ, информира Кинотеката за програмата за претстојниот месец.
Во ноемврискиот репертоар е најавена и ретроспективна проекција на дела од творештвото на Дарко Марковиќ, на 21 ноември, како и Недела на грчки филм на 25, 26 и 27 ноември.