Куп на Македонија: Тиквеш го елиминираше Вардар


Шест екипи попладнево се пласираа во четвртфиналето на фудбалскиот Куп на Македонија.

Во дербито од осминафиналето од најмасовното натпреварување,Тиквеш во Скопје го совлада Вардар со 3:1. Серијата погодоци ја отвори Окере Висдом во 49. минута. Девет минути подоцна Бобан Николов израмни на 1:1, а во 62. минута Сила Н’Фанли му донесе предност на Тиквеш од 2:1. Конечниот резултат го постави Емануел Лавал во 75. минута.

Македонија ЃП по подобро изведување пенали ја елиминираше штипска Брегалница. Гостите во првото полувреме имаа предност од 2:0, а стрелци на головите беа Иван Николов во 26. и Иван Глигоров во 36. минута. Во 58. минута Борјан Томовски намали на 2:1, а во претпоследната минута од дуелот, Бесмир Исмани го постигна вториот погодок за Македонија ЃП. Во пенал серијата, домаќинот беше поуспешен и на крајот славеше со 5:4.

Еден гол го одлучи дуелот меѓу Скопје и Новаци. Стрелец на победничкиот погодок за домашниот состав беше Милош Гордиќ во 67. минута.

Струга дуелот против Беласица го реши уште во првиот дел и тоа со головите на Марјан Радески во 35. и 38. минута.

Работнички забележа победа од 3:2 во соочувањето со Каменица Саса. Гостите од Македонска Каменица поведоа со голот на Филип Николовски во 15. минута. Девет минути подоцна Александар Богданоски израмни на 1:1, а во 31. минута истиот играч му донесе водство на Работнички од 2:1. По десет минути игра во второто полувреме Николовски повторно се запиша меѓу стрелците за израмнување на 2:2, а конечните 3:2 ги постави Богданоски во 80. минута.

Шкендија Арачиново се пласираше во четвртфиналето откако со 2:0 славеше на гостувањето во Куманово на дуелот против Башкими.

Марко Симоновски беше стрелец на првиот гол за Шкендија, а печат на победата стави Бесир Демири во 77. минута.

Во терминот од 16:30 часот Пелистер во Битола го пречекува Силекс додека за 25 ноември е закажано последното осминафинале во кое АП Брера е домаќин на Арсими.