Програмата за заеднички вселенски летови меѓу Русија и САД продолжена до 2030 година
Програмата за заеднички летови до Меѓународната вселенска станица (МВС) е продолжена до 2030 година на барање на американската страна, изјави денеска генералниот директор на руската државна вселенска корпорација Роскосмос, Дмитриј Баканов.
– И тие нè превезуваат нас, а ние нив, секако. Имаме програма за заеднички летови која, на барање на нашите американски колеги, е продолжена до 2030 година – рече Баканов во интервју за емисијата „Вести“, одговарајќи на прашањето дали Русија и натаму ќе превезува американски астронаути во вселената.
Тој нагласи дека односите меѓу Русија и Соединетите Американски Држави во врска со Меѓународната вселенска станица не се прекинати и дека соработката во рамките на овој проект продолжува.
Првиот вицепремиер на руската влада, Денис Мантуров, претходно денеска изјави дека Русија преговара со партнерите за продолжување на користењето на Меѓународната вселенска станица до 2032 година. Тој истакна дека програмата за вселенски летови со човечки екипаж се одвива според планот, исто како и програмата за заеднички летови и работата на Меѓународната вселенска станица.
Во рамките на проектот за МВС во моментов се спроведува програмата за заеднички летови на Русија и САД, при што руските космонаути патуваат до станицата со американските вселенски летала со човечки екипаж „Кру Драгон“ (Crew Dragon), додека американските астронаути до станицата летаат со руските вселенски летала „Сојуз МС“.