Владата ќе формира Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите
Владата донесе одлука за формирање Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, што ќе има задача да ја следи состојбата со безбедноста на медиумските работници, да ја унапредува соработката меѓу институциите и медиумската заедница и да изработи национален акциски план за заштита и безбедност на новинарите до 15 декември годинава, соопшти попладнево владината портпаролка Марија Митева.
На прес-конференција, Митева истакна дека станува збор за институционален механизам чија цел е унапредување на безбедноста на новинарите, превенција од закани и напади и создавање услови за слободно и непречено вршење на новинарската професија.
Според неа, акцискиот план ќе се темели на четири клучни области – превенција, заштита, ефикасно гонење на сторителите и промоција и едукација.
-Безбедноста на новинарите не смее да биде тема само доколку се случи некој инцидент. Напротив, безбедноста е наша обврска, обврска на институциите да дејствуваат навремено, да ги препознаваат ризиците и да обезбедат соодветна заштита – истакна Митева.
Таа појасни дека во делот на превенцијата акцентот ќе биде ставен на медиумскиот плурализам, институционалната поддршка и дијалогот со медиумите, додека во делот на заштитата се предвидува развивање механизми за брза реакција, полициска и правна помош, како и заштита од закани во дигиталниот простор. Митева нагласи дека посебно внимание ќе се посвети на навременото постапување во случаи на напади и закани кон новинари преку соработка со надлежните институции за обезбедување ефикасни истраги и соодветно санкционирање на сторителите.
Во Националниот комитет ќе членуваат претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија и Здружението на новинарите на Македонија.
Комитетот ќе ја поддржи и националната примена на кампањата „Новинарите се важни“ на Советот на Европа, со што активностите ќе бидат поврзани и со европските заложби за заштита на медиумските слободи.
-Како влада сакаме посебно да се стави фокусот на новинарите кои се секојдневно работат на терен, истражуваат теми од јавен интерес, известуваат во сложени околности затоа што нивната професионална безбедност не смее да зависи од темата за која известуваат или од тоа дали нивните прашања и објавени информации некому му одговараат. Институционалната заштита мора да биде еднаква за сите новинари, без селективност и без никакви разлики – нагласи Митева.
Таа порача дека определбата на Владата е институциите да бидат отворени кон јавноста, да се почитува слободата на изразување и секој новинар да има можност својата работа да ја извршува професионално и безбедно.