Херојот Стив Наумов доби нова биста во дворот на студентскиот дом што го носи неговото име
Еден месец по отворањето на темелно реновираните објекти, во студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда поставена е и биста на народниот херој по кого е именуван домот, по речиси две децении откога е украдена претходната.
Бистата официјално беше откриена денеска во присуство на претставници од Сојузот на борци од НОВ, кои положија цвеќе пред споменикот на Стефан Стив Наумов (1920 – 1942), роден на денешен ден пред 106 години.
Меѓу нив беше и Димитар Бојков, внук од сестра на херојот Наумов, на чија иницијатива е одговорено од МОН да се направи и постави нова биста, во соработка со Општинската организација на Сојузот на борци од НОБ – Гази Баба и раководството на Државниот студентски дом „Скопје“.
Бојков рече дека домот го носи името по Стив Наумов откога е изграден, а тогаш имало и споменик во кругот на домот.
-Бистата беше украдена, а постаментот почна да се оштетува. И покрај многубројните ургенции, споменикот не се обновуваше, најчест одговор беше поради немање пари. Сега, со реновирање на домот, благодарение на Владата на Македонија и Министерството за образование и наука, споменикот е обновен. По тој повод, од име на најблиските роднини на Стив, упатувам посебна благодарност до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и нејзините соработници Игор Крстевски и Роберт Аџи Петров, за нивното несебично залагање за обезбедување средства и обновување на споменикот. За неговата уникатност е заслужен вајарот Далибор Николовски-Дачо, кој успеа во релативно кратко време да изваја една од најавтентичните бисти на Стив, изјави Бојков.
Задоволство искажа и претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци од НОБ – Гази Баба, Трајче Георгиевски, нагласувајќи дека со ова се чествува роденденот на народниот херој, кој загинал на неполни 22 години.
– Многу ми е драго што по 20 години повторно е ставена бистата на Стив Наумов. Ја немаше 20 години. Ние се грижиме за минатото, особено за спомениците и ова е последен споменик од 26-те обележја во Гази Баба, Петровец, Илинден и Арачиново, што успеавме да го обновиме, Најмногу успеа Димитар Бојков, со неговото трчање и со нашите пишувања и барања. Сите треба да ги чуваме спомениците на луѓето кои ги дале животите за нашата слобода. Да го памтиме минатото, затоа што без минато нема иднина, порача Георгиевски.
Директорот на Државниот студентски дом „Скопје“, Александар Каровски, се заблагодари до МОН и Владата за создадените услови да се постави нова биста и истакна дека овој чин покажува како се негува традицијата и како се почитуваат народните херои кои ги жртвувале своите животи за слобадата.
Се заблагодари и затоа што по реконструкцијата на домот студентите добиле одлични услови, кои, како што рече, тврди дека се најдобри во регионот и пошироко.
Во врска со некои поплаки од студенти и обвинувања од опозицијата за прокапување во домот, директорот Каровски рече дека се соочуваат со ситни проблеми и оти прокапувањето било предизвикано од затнувања
– Водата кога протекува главно е од затнување. Имавме проблем со фрлени влажни марамчиња, од коса итн. Тоа се случува, ние ги санираме. Објектот има 18 години гаранција, како и целата опрема. Пријавуваме до проектната единица, доаѓаат изведувачите и ги санираат тие тековни проблеми. Нормално е во толку големи објекти да има некои ситни проблеми. Апелирам и до студентите дека треба да внимаваат на куќниот ред и на правилникот. Имаат потпишано договори и треба да го чуваат сето тоа што тука е инвестирано, зашто во спротивно ќе мора да одиме со санкции, изјави Каровски.
Додаде дека во „Стив Наумов“ е исполнет сместувачкиот капацитет – 1014 студенти има во зградите и 138 во бараките, кои беа реновирани пред 15-ина години, и се во склоп на студентската населба. Покрај собите во кои се сместени, студентите имаат на располагање читалница, менза и други заеднички простории.