Драмски театар со „Парови“ настапува на Генералната асемблеја на Еуродрам


Претставата „Парови“ од авторката Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска и во изведба на ансамблот на Драмски театар Скопје, вечерва ќе биде изведена во рамки на драмската програма на манифестацијата Еуродрам, која од 27 октомври до 1 ноември се одржува во Скопје.

Изведбата се реализира во рамки на Генералната асемблеја на Еуродрам, со која се одбележува 25-годишнината од постоењето на европската мрежа за драма и превод. На манифестацијата учествуваат околу 60 гости од 28 земји, а во текот на програмата се предвидени средби, сценски читања, преведувачка работилница, панел-дискусии, промоции на книги и театарски претстави.

„Парови“ беше меѓу наградените драмски текстови на Еуродрам за 2024 година и низ повеќе приказни ги обработува партнерските односи, осаменоста, разочарувањата и предизвиците на современиот заеднички живот.

Во драматуршката белешка за делото се наведува дека претставата го поставува прашањето за можноста за постоење на „успешна врска“ и ја истражува разликата меѓу идеализираната претстава за љубовта и реалноста на секојдневниот живот.

Во претставата играат Игор Ангелов, Ања Митиќ, Јасмина Василева, Димитрија Доксевски, Владимир Петровиќ, Игор Стојчевски, Ивана Павлаковиќ, Стефан Вујисиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Нина Елзесер и Лазар Христов.

Сценограф е Константин Трпеноски, костимите се на Раде Василев и Ратка Џамбазовска-Коцев, постерот е дело на Дамјан Момировски, а фотограф на претставата е Стефан Стамандов.

Вечерашната изведба во рамки на Еуродрам ќе биде 25-та изведба на „Парови“ пред публика.