„Црнилата на себеубивањето“ во КИЦ Софија – сеќавање на Ѓорче Петров низ драмата на Коле Чашуле
По повод убиството на Ѓорче Петров, извршено на една од софиските улици, денеска во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи настанот „Црнилата на себеубивањето“, посветен на книжевното толкување на еден од трагичните настани во македонската политичка историја.
Во фокусот на настанот е драмското творештво на Коле Чашуле, особено драмскиот текст „Црнила“, во кој убиството на Ѓорче Петров станува повод за продлабочено промислување на историските заблуди, идеолошките судири и трагичните последици од разединувањето во македонското револуционерно движење.
„Црнила“ е дел од драмскиот циклус на Чашуле, во кој влегуваат и драмите „Суд“ и „Житолуб“. Трите дела обработуваат значајни моменти од македонската политичка историја на почетокот на XX век.
„Суд“ се навраќа на настаните пред Смилевскиот конгрес во 1903 година и на процесите што ќе имаат тешки последици за македонското револуционерно движење и за Илинденското востание. „Житолуб“, пак, го тематизира периодот пред Балканските војни, кога Македонија ќе биде поделена меѓу соседните држави, а судирите и ликвидациите на претставниците на автентичното македонско револуционерно движење ќе продолжат да ја обележуваат нејзината судбина.
Преку овие драмски дела, Чашуле ја претвора историјата во простор за критичко преиспитување на политичките избори, предавствата, идеалите и човечките трагедии. Во „Црнила“, историската драма преминува во лична драма, а посегањето по идеалот, заробено во заблуди и внатрешни противречности, добива трагични размери.
Особено значајно место во творештвото на Чашуле има свеста за улогата на литературата во одбраната на јазичниот и националниот идентитет. За него, пишувањето на македонски јазик не е само книжевен чин, туку и чин на опстојување и борба.
„Да пишуваш во Македонија значи да се бориш“, е мислата на Чашуле која ја нагласува нераскинливата врска меѓу литературата, јазикот, историското паметење и националната егзистенција.
Настанот „Црнилата на себеубивањето“ ќе отвори простор за книжевно и историско согледување на трагичните процеси што го обележале македонското минато, но и за размислување за нивните пошироки значења.
Делата на Коле Чашуле потсетуваат дека трагедијата не се исцрпува во историскиот чин, туку продолжува да живее во колективната меморија, во литературата и во прашањата што секоја генерација одново ги поставува за идеалите, одговорноста и цената на внатрешните поделби, наведуваат од Македонскиот културно-информативен центар во Софија.