Ѓорѓиевски се пофали со сработеното за една година: Намалени долговите на јавните претпријатија


Ѓорѓиевски најави нови инвестиции во Скопје, раздолжени Музејот на градот и КИЦ, обезбедени средства за Планетариумот и „Милениум“

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на прес-конференција по повод една година од мандатот ги претстави реализираните активности и најавените инвестиции во сообраќајот, екологијата, јавниот простор и културата.

„Пред точно една година застанав пред вас, граѓаните со ветување дека ќе го запреме пропаѓањето на градот“, истакна градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на прес-конференцијата по повод една година од мандатот, на која ги презентираше досегашните активности и најавените инвестиции во главниот град.

Ѓорѓиевски изјави дека се преземаат мерки за финансиска консолидација на Градот и јавните претпријатија, во услови на наследени долгови и обврски. Според него, намалени се обврските на ЈП „Водовод и канализација“, ЈП „Комунална хигиена“, ЈСП „Скопје“ и ЈП „Градски паркинг“.

Во делот на културата, меѓу активностите се наведуваат раздолжувањето на Музејот на град Скопје и Културно-информативниот центар (КИЦ). Обезбедени се и средства за Планетариумот, киното „Милениум“ и е-спортскиот центар.

Во сообраќајот, градоначалникот посочи дека изградбата на булеварот „Борис Трајковски“ влегува во завршна фаза, а привршуваат и работите на клучката кај Момин Поток. Во тек е изградбата на првата подземна сообраќајница кај булеварот Македонија, додека мостот што ги поврзува улицата „Љубљанска“ со улицата „Скупи“ е најавен за завршување до крајот на годината.

Во областа на животната средина, Ѓорѓиевски информираше дека пречистителната станица во Трубарево е реализирана 40 проценти. Започнати се и активности за отстранување на депонијата „Вардариште“, на чие место е планиран нов мега-парк.

Градот, според најавите, треба да добие и 100 нови еколошки автобуси, како и систем за брз автобуски превоз (БРТ).

Ѓорѓиевски порача дека програмата ќе продолжи да се спроведува до крајот на мандатот. За дел од најавените проекти, нивната реализација ќе зависи од динамиката на работите и понатамошното спроведување на планираните активности.