Народeн правобранител: Во затворите нема 24-часовно дежурство на лекари
Недостигот од медицински персонал, долгото чекање за специјалистички прегледи, прекините во терапијата и слабата превентивна здравствена заштита се дел од главните проблеми во казнено-поправните установи во земјава. Ова го покажува истражувањето на Народниот правобранител, спроведено во 11 установи.
Заменик-народниот правобранител Соња Трифуновска посочи дека, иако затворскиот здравствен систем формално е поврзан со јавниот здравствен систем, пристапот до услуги не е еднаков во сите установи. Во практиката, остварувањето на правото на здравствена заштита често зависи од местото на издржување на казната и од дополнителните интервенции на Народниот правобранител.
На тематската дебата организирана од Канцеларијата на народниот правобранител со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Трифуновска ги презентираше резултатите од истражувањето. Според наодите, пренатрупаност е утврдена во седум од 11 установи, а во исто толку има постојан здравствен персонал. Во останатите четири, здравствената грижа се обезбедува периодично или по повик. Ниту една од посетените установи нема 24-часовно присуство на здравствени работници.
Како еден од најсериозните проблеми го посочи недостигот од медицински кадар. Во затворот „Идризово“, според извештајот, еден лекар се грижи за приближно 691 лице, додека една медицинска сестра или техничар опслужува околу 461 лице. Според наведените стандарди, еден лекар треба да опслужува околу 300 лица.
Трифуновска нагласи дека самото постоење амбуланта или присуството на лекар не значи дека здравствената заштита е навремено и соодветно достапна. Во дел од установите медицинскиот персонал доаѓа повремено, а има и непополнети работни места.
Дополнителни тешкотии создаваат недостигот од возила и персонал за транспорт до здравствените установи, доцнењето на дијагностичките резултати и проблемите со распределбата на лековите.
Според наодите, во повеќе установи терапијата ја делат затворски службеници, а во одредени случаи набавката на лекови зависи од семејствата на осудените лица. Ова, предупреди Трифуновска, создава ризик од прекин на терапијата, грешки во дозирањето и нарушување на медицинската доверливост.
Проблеми се забележуваат и во превентивната здравствена заштита. Скринингот за заразни болести, вакцинацијата и следењето на хроничните заболувања не се спроведуваат подеднакво во сите установи. Потребен е и посистемски пристап кон психијатриската и психолошката поддршка, како и кон превенцијата од самоубиства.
Народниот правобранител Фатон Сељами истакна дека здравствената заштита е основно право на лицата лишени од слобода и дека утврдените недостатоци мора да бидат проследени со конкретни и остварливи решенија.
Тој нагласи дека статусот на притворено или осудено лице не смее да биде причина за ограничување на правата што им припаѓаат на сите граѓани. Државата има обврска навремено да обезбеди квалитетна здравствена грижа, без разлика дали станува збор за примарна, секундарна или терцијарна заштита, вклучително и стоматолошки услуги.
Сељами посочи дека проблемите во затворскиот систем се пошироки и ги опфаќаат и условите за сместување, хигиената, исхраната, ресоцијализацијата и образованието.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, оцени дека пристапот до здравствена заштита е основно човеково право и предуслов за зачувување на достоинството на секое лице. Тој повика на посилна институционална соработка за подобрување на здравствените услуги во затворите.
Меѓу приоритетите што ги посочи се зголемувањето на медицинскиот кадар, подобрата подготвеност за итни случаи, полесниот пристап до специјалисти, редовното обезбедување лекови, зајакнувањето на превенцијата и грижата за менталното здравје, како и подобрата координација и управувањето со медицинската документација.
Вал нагласи дека за напредок е потребен координиран ангажман на Министерството за здравство, Управата за извршување на санкциите, казнено-поправните установи, јавните здравствени институции и Фондот за здравствено осигурување.
Одговарајќи на новинарски прашања, Трифуновска посочи дека здравствената заштита значително се разликува од установа до установа, вклучително и меѓу „Идризово“ и затворот во Тетово. Според неа, целта е да се воспостави систем што ќе гарантира еднаков пристап до здравствени услуги за сите лица лишени од слобода.
Таа додаде дека треба дополнително да се анализираат причините за недостигот од медицински кадар, вклучително и интересот за работа во затворите, финансиските ограничувања и другите системски слабости.
Народниот правобранител оценува дека, иако правото на здравствена заштита е формално признаено, неговата практична достапност и континуитет остануваат нерамномерни. Меѓу предложените мерки се воспоставување минимални кадровски стандарди, јасни протоколи за ноќни и викенд-служби, подобар пристап до специјалистички услуги, сигурно снабдување со лекови и поефикасен систем за медицинска евиденција.