Данокот на имот ќе се плаќа електронски, Град Скопје подготвува нова платформа, што со старата?
Град Скопје повторно работи на воспоставување електронски систем за поднесување и плаќање на данокот на имот, кој во иднина би можел да биде интегриран и во националната апликација за дигитални услуги, потврди денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостувањето во „Утринско еспресо“ на радио Лидер.
Андоновски потсети дека порано постоеше порталот „Скопје.гов.мк“, преку кој граѓаните можеа електронски да го следат својот имот и да ги плаќаат обврските. Сепак, како што посочи, дел од дигиталните услуги што функционирале со текот на времето престанале да се користат, поради што граѓаните повторно биле принудени да ги завршуваат административните обврски на шалтер.
Тој информираше дека со промените во Град Скопје процесот повторно се придвижува и дека веќе се работи на платформа која ќе овозможи електронско поднесување и плаќање на данокот на имот.
Според министерот, откако ќе биде завршен овој процес, интегрирањето на услугата во националната мобилна апликација ќе биде многу полесно, со што граѓаните би можеле да ја користат преку едно централно место за државни и локални услуги.
Инаку, данок на имот и сега може да се плати онлајн преку порталот: https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml
Што ново ќе донесе националната апликација за дигитални услуги што ја најавува Андоновски, останува да видиме откако ќе се изработи. Засега личи дека повторно ќе се дадат пари за нешто што постои, а можеби требало само да се надргади за продолжи да се употребува и во годините што доаѓаат. Место изработка на нова платформа, можеби поефикасно и поевтино ќе бепе доколку сите вакви поединечни портали што ги имаат општините можеа да се унифицираат под еден систем, а оние кои немаа да се задолжеа да изработат. Но, сепак, останува да видиме какво е новото решение што го најавува министерот.
Андоновски не појаснува ни што ќе се случува со оваа што веќе постои: дали ќе продолжи паралелно да постои и да ги буни коприсниците, ќе се интегрира во новата или ќе стане неактивна.
Сепак, Андоновски нагласи дека Министерството не може директно да ги наметне дигиталните решенија во општините кои немаат воспоставено соодветни системи.
„Ако која било општина нема таков систем, за нас е невозможно да влеземе со сила во општината и да ги дигитализираме процесите“, посочи министерот.
Во таа насока, тој информираше дека Министерството работи на проект со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), преку кој ќе им се помогне на заинтересираните општини да ги дигитализираат основните административни услуги.
Меѓу услугите што се планира да бидат опфатени се добивање согласност за поставување урбана опрема, поднесување барања за организирање настани, како и аплицирање за различни субвенции.
Андоновски посочи дека процесот веќе е започнат, но дека за негово целосно спроведување ќе биде потребно време, со оглед на различното ниво на дигитална подготвеност на општините.
Целта, според него, е локалните услуги постепено да се интегрираат во единствен систем, со што граѓаните ќе добијат полесен пристап до административните постапки без потреба од физичко одење во институциите.