Македонските студенти незадоволни од оброкот, домовите, превозот и оценувањето
Вкупно 717 пријави од студенти и повеќе од 1.200 гласови за потврдување на пријавените проблеми се собрани во изминатите шест месеци преку интернет-страницата „Дигитален студентски глас“ на независната студентска платформа Студентарија. На денешната прес-конференција платформата ги претстави наодите и препораките за подобрување на студентските права и стандард, кои ќе ги достави до надлежните институции.
Пријавите се однесуваат на условите во студентските домови, субвенционираниот студентски оброк, стипендиите, јавниот и меѓуградскиот превоз, како и на работата на факултетите, професорите и студентските служби.
„Студентскиот стандард не е само прашање на висината на стипендијата или цената на оброкот, туку и дали студентот навреме ќе добие информација, дали ќе знае зошто добил одредена оценка, дали ќе има кому да се обрати и дали институцијата навистина ќе постапи по неговиот проблем“, беше истакнато на прес-конференцијата.
Од Студентарија посочуваат дека износот за субвенционираниот студентски оброк од 140 денари не е зголемен од 2023 година, иако, според нивната анализа, Законот предвидува годишно усогласување со инфлациската стапка. Според пресметките на платформата, износот во моментов би требало да надминува 165 денари дневно.
Регистрирани се и случаи во кои студенти го губеле правото на оброк поради ненавремено доставување податоци од факултетите до Министерството за образование и наука или поради технички проблеми во системот на МОН.
Кај студентските домови, пријавите најчесто се однесуваат на прекини во снабдувањето со струја, вода и греење, инфраструктурни и санитарни проблеми и недоволна транспарентност при приемот и рангирањето.
Како пример беше посочен домот „Никола Карев“ во Охрид, кој, според платформата, во февруари минатата академска година останал без струја повеќе од 30 часа, а во јуни шест дена. Студентарија бара објавување целосни и проверливи ранг-листи со освоените бодови, како и јасни механизми за пријавување проблеми и рокови за нивно решавање.
Платформата смета дека правото на бесплатен јавен автобуски превоз треба да произлегува од студентскиот статус, наместо од видот на универзитетот или градот во кој студентот студира. Оттаму посочуваат дека сегашната практика ги исклучува студентите на приватните универзитети и оние во другите универзитетски градови со јавен автобуски превоз, како Тетово, Штип и Битола.
Студентите пријавувале и поскапување на билетите во меѓуградскиот превоз. Од Студентарија потсетуваат дека Националната стратегија за млади 2023–2027 предвидува намалување на цените на меѓуградскиот автобуски превоз за средношколците и студентите за 30 проценти, па бараат да се утврди начинот на спроведување на мерката и да се разгледа трајна субвенција.
Пријави има и за доцнење на резултатите и исплатата на стипендиите, особено кај студентите на втор циклус. Иако анализата на платформата не утврдила општ законски рок за месечна исплата, оттаму нагласуваат дека доцнењето ја намалува улогата на стипендијата како финансиска поддршка во текот на академската година.
Меѓу најзастапените категории во повеќе месеци биле проблемите поврзани со факултетите, професорите и испитите. Студентите пријавувале нејасни критериуми за оценување, непризнаени поени, недоволно образложени оценки, фаворизирање, задоцнет пристап до резултатите, проблеми со студентските служби и несоодветна комуникација од дел од наставниот кадар.
„Кога ќе ги ставиме овие области една до друга, се гледа една заедничка нишка во голем дел од случаите правото постои на хартија, институцијата постои, процедурата постои, но студентот сè уште има проблем да стигне до решение“, посочија од Студентарија.
Препораките на платформата опфаќаат подобра размена на податоци меѓу факултетите и МОН, усогласување на студентскиот оброк со инфлацијата, подостапен превоз, транспарентен прием и достоинствени услови во домовите, како и однапред објавени и доследно применувани критериуми за оценување.
Тие ќе бидат доставени до засегнатите институции, меѓу кои Владата, надлежните министерства, локалните власти, универзитетите и Државниот просветен инспекторат. Студентарија најавува дека ќе следи и јавно ќе информира дали институциите постапиле по препораките.
Наодите се содржани во јавно достапниот извештај „Дигитален студентски глас 2026: Извештај со наоди и препораки“.