Собранието ја отфрли интерпелацијата за министерката Божиновска
Со 19 гласови „за“, 63 „против“ и ниту еден воздржан, пратениците денеска не ја изгласаа интерпелацијата за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, поднесена од Левица.
Во расправата за интерпелацијата за министерката Божиновска, пратениците од опозицијата ја обвинија за недоволни резултати во енергетиката и рударството, за неправилности во извршувањето на функцијата, деградација на јавниот интерес и грубо непочитување на законите. Владејачкото мнозинство ја бранеше нејзината работа со аргументи дека се реализираат значајни реформи и инвестиции.
Подносителите на интерпелацијата оценија дека земјата доцни со реформите потребни за интеграција на домашниот енергетски пазар со европскиот, како и со исполнувањето на обврските што произлегуваат од европскиот механизам за јаглеродно гранично прилагодување. Според нив, и покрај одредени позитивни чекори, како отворањето на внатредневниот пазар на електрична енергија, сè уште не е воспоставена целосна рамка за поддршка на производителите на енергија од обновливи извори и за нивно конкурентно позиционирање на европскиот пазар.
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи нагласи дека државата се соочува со „необичен енергетски парадокс“, при што произведената електрична енергија во одредени периоди ја губи својата вредност поради регулаторни и пазарни бариери.
-Имаме електрична енергија што економски вреди повеќе на европскиот пазар, а регулаторните и пазарните бариери го ограничуваат пристапот на нашите производители до таа вредност – рече Битиќи.
Тој посочи и дека незавршените реформи отвораат сомнежи за привилегирани услови на пазарот на електрична енергија, наведувајќи информации дека во часови на интензивно сончево производство струја од фотоволтаици се откупува по нулта цена, а потоа се препродава на соседните пазари по значително повисока вредност.
Пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски оцени дека интерпелацијата содржи неточни наводи и дека изминатиот период се реализирани значајни проекти во енергетиката.
-127 проценти се зголемени приходите од концесиски надоместоци за минерални суровини. По 13 години повторно профункционира нафтоводот со ОКТА и започната е изградбата на нови гасни интерконекции со Грција и Србија – рече Стојаноски.
Тој нагласи дека ветерниот парк кај Штип претставува инвестиција од околу една милијарда евра и оти ќе обезбедува електрична енергија за над 100.000 домаќинства, додавајќи дека состојбата во енергетските компании е подобрена во однос на претходниот период.
Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески оцени дека министерката треба да понесе политичка одговорност поради, како што рече, поврзаноста со компании против кои биле водени различни постапки од институциите, но и поради неисполнетите ветувања во енергетскиот сектор.
-Од аспект на политичкиот морал за поврзаноста со вакви фирми да барате доверба од пратениците, почитувана министерке, тоа е невозможна мисија – рече Митрески.
Тој ја критикуваше Владата и за неисполнетите ветувања за укинување на дистрибутивната такса, за гасификацијата и за состојбите во АД ЕСМ, посочувајќи дека долгот на компанијата е зголемен.
Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, најголем дел од обраќањето го посвети на рударството и на можноста за реализација на проекти за рудници со отворен коп во југоисточниот дел од државата. Тој оцени дека Министерството има директни надлежности во постапките за концесии и предупреди дека новата стратегија за минерални суровини отвора простор за проекти како Иловица, Казандол.
-После 10 години народен бунт на југоистокот оваа политика досега требаше да застане и затоа сметам дека нас ни треба министер кој што на ова ќе му каже стоп, а тоа не сте вие – рече Јанчев.
Тој нагласи дека жителите на југоисточниот регион и натаму се спротивставуваат на отворање нови рудници и предупреди на можни последици врз животната средина и земјоделството.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Ангелевска оцени дека во интерпелацијата се мешаат надлежностите на Министерството за енергетика со оние на ЕСМ, ЕВН и Регулаторната комисија за енергетика.
-Само во 2025 година се исплатени 42,3 милиони денари субвенции за ранливи потрошувачи и 170 милиони денари за субвенции за инвертер клими – рече Ангелевска.
Таа посочи дека е донесен нов Закон за енергетика усогласен со европските стандарди, дека за првпат е дефинирана енергетската сиромаштија и дека се реализираат проекти како ветерниот парк во Богданци, когенеративната постројка во Битола, фотоволтаични централи и ревитализација на хидроенергетските објекти.
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов ја критикуваше работата на Министерството во делот на енергетиката и рударството, повикувајќи се на ревизорски извештаи за состојбите во МЕПСО, контролата на броилата и политиките за отворање рудници.
-Ако ова Министерство има некои многу малку ингеренции, мојот одговор може да биде многу краток министерке, можете уште веднаш да си поднесете оставка – рече Крмов.
Тој оцени дека состојбите во МЕПСО покажуваат сериозни системски слабости, а за плановите за отворање нови рудници рече дека придобивките за државата би биле многу помали од потенцијалната штета врз земјоделството и животната средина во југоисточниот регион.
Во реплика, министерката Божиновска ги отфрли наводите на Крмов и порача дека голем дел од проблемите на кои се повикува опозицијата се наследени од претходните власти.
-Работам со целиот свој капацитет и мислам дека за две години од нула направив институција – рече Божиновска.
Таа посочи дека ревизијата за енергетските институции била побарана уште на почетокот на нејзиниот мандат, дека се работи на расчистување на имотно-правните односи во МЕПСО и оти досега се одземени 53 концесии.
-За две и пол години нема отворен рудник, има одземени 53 концесии – рече Божиновска, додавајќи дека со новите законски решенија ќе се бара 100-процентна финансиска гаранција за санација на рударските проекти.

Божиновска: Не бегам од одговорност
Пред Собранието застанав со јасна порака: не бегам од одговорност, не се плашам од прашања и немам намера да дозволам политичките обвинувања да ја заменат вистината. Интерпелацијата е легитимен демократски инструмент. Но, правото да барате одговорност подразбира и обврска да ја докажете точноста на сопствените тврдења. На обвинувањата одговорив со факти. На политичките квалификации, со резултати, напиша министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на својот фејсбук профил.
Како што наведува Божиновска, нејзина обврска е да носи одлуки во интерес на Македонија, да ги штити државните ресурси и да гради енергетски систем што ќе им служи на граѓаните.
-Во изминатиот период поставивме нова законска рамка за енергетиката, ја зајакнавме инфраструктурата, ги придвиживме стратешките интерконекции со Грција и Србија и отворивме нови можности за диверзификација на снабдувањето. Со новата тендерска постапка за гасниот интерконектор со Грција добивме понуда пониска за 10,35 милиони евра. Во рударството ја зголемивме наплатата на концесиските надоместоци од 561,5 милиони на 1,222 милијарди денари, раскинавме 53 концесиски договори и испративме јасна порака дека државните ресурси не се ничија приватна привилегија. Обезбедивме конкретна поддршка за ранливите домаќинства, работиме на енергетската транзиција, а Министерството постигна 100% активна транспарентност. Тоа се резултати што можат да се проверат. Не политички пароли, туку документи, бројки и одлуки. Нема да прифатам политичкото несогласување да се прогласува за незаконитост, ниту обвинувањето да станува факт само затоа што е напишано во интерпелација. Мојата обврска е да носам одлуки во интерес на Македонија, да ги штитам државните ресурси и да градам енергетски систем што ќе им служи на граѓаните. Затоа побарав од пратениците да одлучуваат врз основа на факти и да не ја прифатат интерпелацијата, истакнува министерката.
Божиновска порачува дека функцијата е привремена, а одговорноста кон државата останува.