Кападокија во центарот на светскиот авантуристички туризам: Турција домаќин на меѓународен состанок од висок ранг
Во периодот од 16 до 19 октомври 2026 година, Кападокија во Турција беше во фокусот на меѓународната авантуристичка туристичка индустрија, како домаќин на состанокот на Одборот на директори на Здружението за авантуристички туризам, (ATTA), најголемата светска мрежа во овој сектор. Настанот се одржа под покровителство на Министерството за култура и туризам на Турција, во организација на Турската агенција за промоција и развој на туризмот (TGA) и со поддршка на Туркиш Ерлајнс. На него учествуваа членовите на Одборот на ATTA, високи раководители и водечки претставници на меѓународниот туристички сектор, со фокус на унапредување на соработката и промоција на потенцијалот на Турција за развој на авантуристичкиот туризам.

Состанокот беше значајна можност за продлабочување на соработката меѓу Здружението и Турција, како и за претставување на разновидната туристичка понуда на земјата пред меѓународни партнери. Изборот на Кападокија за домаќин ја потврдува нејзината растечка меѓународна афирмација, а се очекува овој собир да донесе стратешки партнерства за организирање идни значајни меѓународни настани во Турција, меѓу кои европската конференција „AdventureELEVATE Europe“, како и Светскиот самит за авантуристички туризам.
Основана во 1990 година, ATTA денес поврзува повеќе од 100.000 професионалци ширум светот, вклучувајќи тур-оператори, сместувачки капацитети, туристички советници, национални и регионални туристички организации, организации за промоција и управување со дестинации, компании за туристичка опрема и технологии, осигурителни компании и туристички медиуми.

Делегацијата на Здружението имаше можност непосредно да се запознае со туристичките можности на Кападокија преку специјално организирана програма, која вклучуваше тура со електрични велосипеди по живописните долински патеки и запознавање со трасата на ултрамаратонската трка Саломон Кападокија. На трката лично учествуваше и Претседателот на Одборот на АТТА, Ерик Блачфорд.
Посебно место во програмата имаше ексклузивниот деловен коктел за поврзување на компании (B2B), одржан на 18 октомври, поврзувајќи ги локалните оператори во авантуристичкиот туризам, хотелиерите и претставниците на регионалниот туристички сектор со членовите на Одборот на ATTA, и создавајќи можности за нови деловни контакти, размена на искуства и развој на конкретни форми на соработка.

Кападокија е една од најпрепознатливите туристички дестинации во Турција, со уникатни вулкански предели, меѓу кои се издвојуваат познатите самовилски оџаци. Регионот нуди разновидни активности во текот на цела година, од пешачење и возење велосипеди, до јавање коњи и летови со балони на топол воздух, кои овозможуваат впечатлив поглед на нејзините природни убавини. Покрај природното и културното наследство, овој регион се одликува и со препознатлива понуда за сместување во хотели уредени во карпести пештери, богата гастрономија застапена во водичот Мишелин, како и лозарски традиции што се пренесуваат со векови.