Мицкоски: Мојата задача не е да се занимавам со коски од минатото, туку да обезбедам иднина за нашите деца
Мојата задача како премиер не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца. Да учиме од грешките од минатото. И затоа седнавме на маса за дијалог, од која тие долго бегаа и велеа дека тоа е невозможно. Не велам дека тоа е само мој успех, но е заеднички чекор напред, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, осврнувајќи се на спорот со Бугарија.
Мицкоски истакна дека Македонија мора да биде трпелива и мудра во процесот на европска интеграција, оценувајќи дека членството во Европската Унија е важно за земјата да може рамноправно да учествува во одлучувањето и да ги брани своите интереси.
Тој посочи дека Бугарија, почнала да ги отвора прашањата за добрососедските односи и за историските личности по влезот во ЕУ, користејќи ги механизмите на Унијата за да го блокира македонскиот евроинтегративен процес.
-Ете затоа е важно да бидеме и ние таму и таа наша борба за таа цел мора да биде исполнета со мудрост, знаење и единство. И ова не го кажувам за да ги посочам неправедните игри спрема нашата татковина, туку поради потребата да бидеме трпеливи и да играме и дејствуваме на долги стази – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека нема да реагира импулсивно на провокациите и притисоците, туку ќе одговара со разум, принципи и отпорност, додавајќи дека политиката ја гледа како маратон, а не како трка на 100 метри.
Мицкоски порача дека нема да отстапи од, како што рече, интересите на македонскиот народ и од политиката што ги застапува македонските национални интереси.
-И Бугарија да договори стотина како опозицијата кои ќе велат: „Бланко внеси ги Бугарите во Уставот, па после сè друго“, одговорот ќе биде дека никогаш нема да отстапам од тоа што е интерес на мојот народ, ниту има сила која ќе ме поколеба во тоа да водам исправна промакедонска политика. Затоа што за сите нив најчудно е и најголем грев е да си Македонец што се бори за македонските интереси. Може сè да ти простат, но да си свој на своето — не. И народот тоа многу добро го гледа и затоа и бројките од анкетите го кажуваат тоа. И народот знае дека тие се мекото ткиво на нашата татковина – истакна премиерот.
Осврнувајќи се на историските прашања, тој рече дека македонското историско паметење не подлежи на одобрување од други и дека никакви притисоци не можат да ја избришат улогата на Гоце Делчев во македонската историја.
-А оние кои се шнајдери на историјата… што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на македонскиот народ. Затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење…..Гоце е Македонија! – порача Мицкоски.
Во обраќањето, премиерот се осврна и на безбедносните состојби во Европа и на Балканот, оценувајќи дека растот на протестите и насилството, како и активностите на различни служби во регионот, создаваат ризик од обиди за пренесување на туѓи проблеми во земјава.
Тој предупреди на можни провокации и обиди за наметнување етнички теми, посочувајќи дека граѓаните треба да бидат свесни и да не подлегнуваат на манипулации.
-И затоа е многу важно народот да е високо свесен, да не потпаѓа на разни провокации, да не се наметнуваат вештачки прашања или хиперболизирани етнички теми. На тој начин профитерите од таквите кризи нема да бидат меѓу народот, туку оние кои со децении живеат на грбот на народот – рече Мицкоски.
Тој порача дека нема да дозволи, како што рече, нечесни игри и политички авантури, додавајќи дека државата треба да се води со отвореност кон реалноста, со разбирање за потребите на граѓаните и со подготвеност да се исправат грешките.
-Ќе има тешкотии и ќе има одлуки за кои ќе се водат сериозни расправи. Нашата обврска е да објасниме, да сослушаме, да признаеме кога нешто треба да се поправи и да го поправиме. Држава се води со отворени очи за стварноста и со чувство за животот на луѓето – порача Мицкоски.
Во своето обраќање истакна дека кога некој од страна, а неретко и некој од сопствениот род, ќе сака да си поигра или да ја омаловажи улогата и големината на нашето револуционерно дело, да нè прикаже како вакви или такви, како мали и неважни, нека не заборава дека сè уште во нас живее пркосот на Узунов, посветеноста на Груев, мудроста на Татарчев, храброста на Питу, големината на Гоце. Тоа се луѓето од нашиот род пред чие дело и чии свети идеали се поклонуваме.
Од таа нивна решеност израснаа генерации кои ја носеа македонската идеја низ прогони, затвори, востанија и војни. Татковината се создаваше низ лелеци и крици, низ постојана жртва, не низ аплаузи и подарени слободи. Во таа долга борба имало и болка, и разочарувања, и тешки поделби. Но опстојувала волјата еден ден да имаме свој дом, своја држава и право самите да одлучуваме за својата иднина, рече Мицкоски.
-Денес ја имаме таа држава. И токму затоа нашата одговорност е толку голема. Да бидеме свои на своето е нашата најважна потреба, важна за нашето опстојување. Да бидеш свој на своето значи да стоиш со крената глава на земјата што ги памети твоите предци и да градиш иднина што ќе ги чува твоите деца.Тоа е заветот на секоја слободна генерација: тука припаѓаме, тука одлучуваме и тука ќе успееме. Свои на своето. Со корен во минатото и со верба во иднината, потенцира премиерот Мицкоски во своето обраќање.